Пендаровски: За лидерска средба е потребна согласност од сите страни
Отворен сум за средба за уставните измени, но не може со сила никого да натераш на муабет-вели шефот на државата Пендаровски. Министерството за правда наскоро ќе ги објави имињата на експертите од академската фела што ќе учествуваат во работната група за уставни измени...

Претседателот Пендаровски не ја исклучува можноста за средба со првите луѓе на партиите, но како што вели во моментот нема согласност од сите политички чинители за состанок кај него на кој би се разговарало за можните уставни измени. Има големи разликите околу ставовите за правење измени на Уставот, и не можеш никого со сила да натераш на муабет – вели шефот на државата.
Во однос на противењето на ВМРО-ДПМНЕ за уставни измени, премиерот Ковачевски рече дека опозицијата била против за многу стратешки цели на државата, но тие како Влада успеале да ги реализираат.
„Тие беа против преговарачката рамка, Собранието донесе заклучоци согласно преговарачката рамка така што останува на пратениците, да имаат демократски капацитет и визија да обезбедат европска иднина за граѓаните, бидејќи овде се работи за одлука за обезбедување на непречен процес за преговори со ЕУ и отворање на кластерите и доаѓање до следни одлуки за кои повторно е потребно двотретинско мнозинство се до финалното пристапување во Европската Унија“, изјави премиерот Ковачевски.
Ковачевски најави дека наскоро Министерството за правда ќе ги објави и имињата на експертите од академската фела од работната група за уставни измени. Во меѓувреме Комисијата ќе работи и без учество на експерти предложени од опозициските партии.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Министерството за правда свикува работни групи кои не се во нејзина надлежност. Ова е работа на Собранието и треба да се формираат работни групи во парламентот – е ставот на најголемата опозициска партија.
Марина С. Тонева
