Оваа летна сезона Охрид ќе има уредени плажи
Во годината кога се очекува да бидат надминати бројките по посетеност и остварени ноќевања од 2019 година, од охридската локална самоуправа најавија дека ова лето дел од плажите ќе бидат уредени и на нив ќе се постават шанкови и друга урбана опрема. Охридскиот градоначалник Кирил Пецаков уверува дека поставувањето на урбана опрема на државно земјиште не се коси со законските прописи и дека ова решение ќе биде на сила до донесувањето на планот за управување со охридското крајбрежје според препораките на УНЕСКО...

На 11 плажи долж охридското крајбрежје ќе се постават шанкови од природен материјал кои ќе зафаќаат површина од 8 до 10 метри квадратни, при што концесионерите во зависност од големината на плажите ќе можат да постават маси и столици на површина од 150 до 300 метри квадратни. Според градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, на овој начин ќе се премости вакум периодот додека се изработи Деталниот Урбанистички План за охридското крајбрежје. Шанковите ќе се издаваат по пат на јавно наддавање, а договорите ќе бидат со траење од 3 години, но во нив ќе има член за еднострано раскинување кој ќе се искористи по донесувањето на Планот за управување.
„Инаку да потсетиме дека таа задача беше на државата, односно Агенцијата за просторно планирање, заедно со транспорт и врски и крајниот рок беше декември 2021 година. Ако чекам јас уште 5 години да има неуредени плажи, тогаш сум неодговорен градоначалник на Охрид“, изјави Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.
Да потсетиме дека дел од поранешните концесионери на плажите сè уште водат судски спорови затоа што не им беа продолжени договорите за концесија и доколку пресудите бидат во нивна корист за нивно обесштетување ќе треба да се издвојат пари со кои граѓаните го полнат општинскиот буџет.
„Плажите беа искористени како шминка да се прикаже дека нешто се работи во врска со зачувувањето на статусот на Охрид. Ние иако сме ги гледале и препораките на УНЕСКО апсолутно не сме виделе ниеден документ според кој плажите имаат негативен импакт на биодиверзитетот на Охридското Езеро“, речев Игор Кичеец, адвокат.
Според зборовите на охридскиот градоначалник неиздавањето на плажите под концесија му нанеле сериозни штети на буџетот на општината. А, што се однесува до цените за издавање на шанковите, тој рече дека почетната цена на лицитациите за најатрактивните локации ќе биде над 11 илјади евра.
Сашо Нелоски
