Битиќи: Со инвестициите во алтернативниот туризам Македонија се поставува на мапата
Заменик-претседателот на Владата Фатмир Битиќи, се обрати на настанот на кој беа претставени успешните проекти поддржани во рамки на Проектот за локална и регионална конкурентност, што се одржа во винаријата „Лазар“ во Кавадарци...

Заменик-претседателот на Владата Фатмир Битиќи, се обрати на настанот на кој беа претставени успешните проекти поддржани во рамки на Проектот за локална и регионална конкурентност, што се одржа во винаријата „Лазар“ во Кавадарци.
Во неговиот говор, вицепремиерот Битиќи рече дека програмата за поддршка на локалната и регионална конкурентност во туризмот, содржи 3 компоненти, техничка поддршка за развој на туризмот, подобрување на менаџментот на дестинациите и подобрување на околината и инвестирање во туристичките дестинации со вкупна вредност на буџетот за реализација која изнесува 23,9 милиони евра.
„Особено ме радува фактот што овие реализирани проекти значително влијаат врз нашиот локален туризам, но и врз целокупната економија на Македонија преку зголемување на туристичката понуда која придонесе за отворање на нови работни места. Токму оваа винарија во која сме денес, говори за успешноста на овој проект во кој 19 микро, мали и средни компании беа поддржани со проекти со кои ја подобруваат својата инфраструктура и секако ја диверзифицираат палетата на услуги кои можат да ги понудат на туристите“, рече Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи информираше дека покрај микро, малите и средните претпријатија, во делот на поддршка во инфраструктура беа поддржани уште 20 здруженија и асоцијации, како и 20 општини со проекти кои даваат една нова перспектива во насоките во кои треба да се развива нашиот туризам како економска гранка, и искажа благодарност до Европската Унија со чии средства беше овозможена имплементацијата на оваа програма, како и до Светска Банка во Скопје, која имаше улога на администратор на средствата доделени од Европската Унија.
Вицепремиерот Битиќи рече дека Македонија нема море, но има прекрасни езера и планини, културно богатство, историското наследство, како и традицијата како предуслови да се биде на мапата на атрактивни туристички дестинации вредни да се посетат.
„Владата секогаш ќе поддржува вакви иницијативи, кои нашиот туристички потенцијал ќе го направи меѓународно конкурентен за привлекување на што поголем број туристи и промовирање на земјата како атрактивна туристичка дестинација.
Ние го препознаваме селскиот, авантуристичкиот, винскиот и алтернативниот туризам како една извонредна можност за нашите граѓани, бидејќи Македонија има што да понуди, и токму тука ќе се фокусираме да изградиме здрава стратегија за развој на оваа стопанска гранка“, изјави Битиќи и констатираше дека бенефициите за македонската економија од инвестициите направени во рамки на Проектот се повеќекратни, зголемување на бројот на туристите, локални, и туристи од целиот свет, ова пак резултира со потреба за нови работни места, нови можности за развој и поголеми приходи за нашата економија.
