Традициите за велигденските празници во Охрид
Големиот верски празник Велигден кога се слави Христовото воскресение на целата територија на современата македонска држава во религиозен поглед во црквите се слави на ист начин. Меѓутоа во секој град или регион низ вековите се пренесувала по некоја карактеристика, обичај или верување кое е уникатно само за тој простор. Овојпат се навраќаме на дел од верските и народните обичаи и традиции кои ги негувале верниците во балканскиот Ерусалим-Охрид...

За тоа како се одбележувал празникот над празниците Велигден во македонскиот духовен центар-Охрид повеќе генерации охриѓани оставиле пишувани сведоштва, но има и усни преданија кои се пренесувале од генерација на генерација. Во своите белешки Ефтим Спространов запишал дека за велигденските празници на гредите, диреците, во бравите од вратите, околу садовите се ставале запотки од дрен или кукурек коишто асоцираат на здравје, а тоа се правело за да се заштитат од град. Кузман Шапкарев пак забележал дека на Велики Четврток младите момички замесувале прв пат тесто и тоа со 12 јајца по што го носеле да отстои во црква додека се исчитаат 12-те евангелија, а потоа го земале дома за после празникот со тој квас да замесат леб.
„Овде на Велики Четврток има обичај да се носат јајца за секој член од семејството што се вапцани, заедно со по некое парче облека, особено од дечињата или ако има болни во семејството, вечерта се носат во црква да преспијат и утредента на Велики Петок после богослужбата да се носат дома“, рече Оливера Мишева, виш кустос етнолог Завод и Музеј Охрид.
Во Охрид секогаш имало соживот помеѓу верниците од различните верски заедници, вели Мишева.
„За Велики Четврток Кузман Шапкарев забележал дека се подготвувал благ леб или колак со 10 до 12 јајца специјално наменет да се однесе кај турците или другите муслимани во Охрид. Тоа е традиција што можеби денес се изгубила, но носењето на велигденски јајца кај муслиманите е традиција што е останата до ден денешен“, рече Оливера Мишева, виш кустос етнолог Завод и Музеј Охрид.
Токму затоа треба да ја негуваме вербата во бога, бидејќи само на тој начин ќе имаме љубов кон сите луѓе, разбирање и среќа, кои во овие кризни времиња толку многу ни недостигаат.
Сашо Нелоски
