Празник

Велики Петок, ден на распнувањето на Христос

14.04.2023 12:48

Денеска е Велики Петок, ден од страдалната седмица, кога е распнат Исус Христос. Православниот канон за Велики Петок предвидува строг пост со вода, а многу верници на овој ден не пијат, ниту јадат до зајдисонце...

Камбаните не бијат на најтажниот ден во христијанството. Велики Петок, наспроти вообичаеното одбележување на верските празници со свети литургии и принесување на таканаречената бескрвна жртва, се празнува со читање извадоци од евангелијата од делот кој ја опишува неделата на страдањата на Синот божји. Според преданието, Христос починал на крст во „шестиот час на денот, а завесата на ерусалимскиот храм во истиот тој час се преполовила, сонцето се замрачило, мртвите станувале од гробови, а сите ѕвона се распукале“.

Верниците со молитви во храмовите.

Одлуката за погубувањето на Христос на Велика среда ја донело Еврејското црковно собрание, а тој бил пронајден и уапсен кај Гетсеманската градина, по Тајната вечера ноќта меѓу Велики Четврток и Велики Петок. Потоа, со венец од трње на главата Христос го носел својот крст до ридот Голгота, каде што е распнат и каде пред да испушти душа побарал прошка од Бога за своите џелати извикувајќи: „Оче, прости им зашто не знаат што прават“.

Православниот канон за Велики петок предвидува строг пост со вода, а многу верници на тој ден не пијат, ниту јадат до зајдисонце.

„Според Христијанското учење страдањето му претходи на воскресението! Без страдање и смрт нема воскресение!“

 

 

 

Катерина Топалова