Низок опфат со МРП вакцината во Куманово
Последнава седмица, зголемен е интересот на родителите за имунизација на децата со вакцината МРП, откако во државата беше регистриран случај на заболено дете од морбили. Куманово е меѓу општините со низок опфат на вакцинација со оваа вакцина...

Зголемен е интересот на родителите за имунизација на децата со вакцината МРП. Од кумановскиот Здравствен дом информираат дека интересот е поголем последнава седмица, откако во државата беше регистриран случај на заболено дете со морбили. Според податоците претходно велат имаше мошне низок опфат. Повеќето родители ја одложуваа вакцинацијата чекајќи детето да прозбори и прооди. Некои дури и воопшто не ги вакцинираат децата.
„Се шират тие дезинформации, дека вакцината предизвикува аутизам и заради тоа многу од нив чекаат детето да прозбори, прооди, меѓутоа сите оние кои ќе дојдат, ние им кажуваме дека имаме случај детето е вакцинирано со вакцина за морбили, но нема никакви проблеми, но има и дечиња кои веќе направиле 4-5 години меѓутоа тие го имаат тој проблем, не постои никаква поврзаност меѓу вакцината МРП“, вели д-р Валентина Богоевска-Димитриевска, од диспанзер Куманово.
Лекарите укажуваат дека бенефитот од вакцината е повеќекратен. Конкретно морбили може да предизвика осип по телото, висока температура, тешки компликации, па дури и фатален исход.
„Кога имаше епидемија ние вакциниравме многу дечиња од тогаш нема пријавено дека некое дете има некоја несакана реакција“, дополни таа.
Вакцината МРП се прима во две дози, на 13-месечна возраст и во прво одделение.
Елена Георгиевска
