Политика

ВМРО-ДПМНЕ и ДС бараат да се објави договорот со „Бехтел и Енка“

14.04.2023 15:04

Според ВМРО-ДПМНЕ Груби и Ковачевски ги кријат документите бидејќи тие ќе покажат дека договорот е склучен според непостоечки закони. Демократскиот сојуз инсистира договорот за изградба на коридорите да биде и предмет на стручна и јавна анализа и расправа...

ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија бараат Владата јавно да го објави договорот кој го потпиша со Бехтел и Енка за изградба на Коридорите 8 и 10д. Според ВМРО-ДПМНЕ Груби и Ковачевски ги кријат документите бидејќи тие ќе покажат дека договорот е склучен според непостоечки закони и презеле обврска во име на Собранието да го изменат Законот за работни односи со што да дозволуваат 60 часовна работна недела. Доколку не се смени законот државата ќе треба да плаќа пенали во вредност од 200 милиони евра тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.

Уставниот суд ваквото нешто го прогласил за неуставно со одлука од јули 2022 година. Токму таа одлука на Уставниот суд е основа за кривичен прогон на Артан Груби, Димитар Ковачевски и останатите кои 8 месеци подоцна склучиле штетен договор кој значи дополнителни трошоци, или казнени пенали од вкупна вредност околу 200 милиони евра во времетраењето на изградбата на коридорите, велат во ВМРО ДПМНЕ.

Демократскиот сојуз инсистира договорот за изградба на коридорите да биде и предмет на стручна и јавна анализа и расправа. Од партијата на Трајанов сметаат дека криењето на договорот од јавноста, експертите и од пратениците, само ги засилува сомнежите за коруптивни активности и е своевиден грабеж на столетието.

Демократскиот сојуз ги повикува сите пратеници да отфрлат продолжение на расправата по законите во скратена постапка и да инсистираат за нив да се расправа во редовна и јавна дискусија, откако зад законите ќе застане Владата, а не група пратеници. Доколку продолжи мајоризацијата на ДУИ и СДСМ, тогаш ќе предложиме имплементацијата на договорот да се одложи преку измена на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за изградба на автопатите на Коридорите 8 и 10 д.

Од владејачката СДСМ со обвинувања до ВМРО-ДПМНЕ дека шири невистини за изградбата на стратешкиот проект. Но сега според социјалдемократите се оди чекор натаму и опозицијата се обвинува светски реномираната американска компанија дека краде пари и прави криминал. Инвестициите во патните делници на коридорот 8 и коридорот 10д се историски најголеми инвестиции, како децениски стратешки проект во интерес на граѓаните и државата соопштија од СДСМ.

 

Викторија Милевска