Куманово

Куманово: Помош за првачињата, а нивниот број се помал

15.04.2023 15:09

Во најголемата општина во земјава парична помош во идната учебна година ќе добие секое запишано прваче. Целта е да им се олеснат трошоците на семејствата на почетокот на учебната година. Но, и Куманово, како и останатите градови во државата не се имуни на трендот на масовно иселување. До првото полугодие од оваа општина поради заминување се отпишале дури 200 ученици...

Парична помош ќе добие секое запишано прваче во Куманово. Одлуката едногласно ја изгласа Советот. На семејствата кои ќе запишат прваче во учебната 2023/24 година ќе им се исплатат 2.000 денари. Целта е да им се помогне на родителите во набавката на неопходниот материјал на почетокот на учебната година.

„Ако ме прашувате мене дали овие средства се доволни ќе кажам не и дека се симболични, но знаете колку се оптоварени финансиски родителите на почетокот на секоја учебна година. Ќе се потрудиме доколку Советот одлучи да се продолжи и ова да стане традиција и ќе се заложиме согласно финансиите да се обезбедат и повеќе средства за следната учебна година“, истакна Александар Јовановиќ, раководител на Сектор за образование во Општина Куманово.

Од Секторот за образование се надеваат дека на уписот на првачињата кој ќе започне од мај, ќе имаа значаен интерес. Во најголемата општина во земјава очекувањата се да се запишат барем 1.000 ученици, во спротивно велат надлежните ќе се јави проблем со формирањето на паралелки. Ниту Куманово изминативе години не е имуно на масовното иселување на граѓаните во западноевропските држави.

„До крајот на првото полугодие од општината, односно од основните и средни училишта се отпишале околу 200 ученици, што значи на крајот ќе направиме повторно анализа и како што гледаме трендот не застанува“ дополни тој.

Освен иселувањето за намалениот број на ученици според надлежните клучен е и падот на наталитетот.

 

Елена Георгиевска