Негување на традицијата во Тетово
Тетовските специфични обичаи за време на велигденските празници и оваа година не изостанаа. Вчера за време на најтажниот ден во христијанството Велики Петок, жените ги посетуваа православните храмови поклонувајќи се пред Плаштеницата, молејќи се за мир и здравје. Утре пак тетовските адети ги продолжуваат мажите, кои со своите деца ги посетуваат своите роднини и пријатели...

Реки од народ кон православните храмови во Тетово, преполни цркви, молитви за здравје и мир. И годинава не изостана традицијата, жените на најтажниот ден во христијанството Велики Петок, во групи да ги посетуваат тетовските цркви.
„Секоја година има гужва, традицијата ја одржуваме мене, ме радува што има многу народ во свети Кирил само течеше народ“, вели една тетовка.
Во соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“ верниците се поклонуваа пред Плаштеницата.
„Службите што се служат на Велики Петок во вечерните часови се богослуженија, кои се однесуваат на погребението, така да денес исто така е строг пост“, вели отец Александар Стојановски.
Утре пак тетовски адети ги продолжуваат мажите, кои со своите деца ги посетуваат роднините и пријателите.
Тетовскиот хроничар Дарко Гавровски, вели дека иако некои верници ја избегнуваат традицијата, патувајќи за овој празник, сепак повеќето тетовци си го сакаат ваквиот начин на празнување.
„Адетот во Тетово е куќа за Велигден мора да биде отворена, најголем грев е куќа да биде затворена за Велигден, тоа е недомаќинлок. Во сите тетовски куќи и годинава најголемиот дел ќе бидат отворени вратите. Кај нас ќе биде отворена вратата“, изјави тетовскиот хроничар Дарко Гавровски.
Одбележувањето на велигденските празници во Тетово завршува со празнувањето на Источен петок или Балаклија, кога тетовци ја посетуваат црквата „Света Богородица“ во Горно Маало.
Зоран Димовски
