Приведен анестезиолог од тетовската болница
Приведен лекарот од тетовската болница кој на социјалната мрежа „тик-ток“ во живо ги снимал и ги пренесувал пациентките од Гинекологија. Лекарската комора со најостра осуда за инцидентот. Бараат итна истрага за случајот.

Во тетовско Одри, доцна синоќа полицијата го приведе 43 годишниот лекар – анестезиолог вработен во тетовската болница. Преку социјалната мрежа „тик ток“ снимал и објавувал пациентки на Одделот за гинекологија, додека им се пружа лекарска помош. Лекарот во полиција го пријавил директорот на болницата, а од МВР велат дека е известен Јавен обвинител и по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
„Постапувајќи по пријава од страна на директорот на Клиничка болница Тетово дека вработен анестезиолог во болницата, снимал и објавувал преку мрежата „тик ток“ лекарски персонал и пациенти на кои им се пружала лекарска помош. Известен е јавен обвинител и по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава“- соопштија од МВР.
Осуда за настанот стигна и од Лекарската комора, најавија дека во најкус рок органите на Комората ќе го разгледаат случајот и ќе преземат мерки.
„Лекарската комора продолжува да работи на заштита и унапредување на стручноста и етичките должности и права на докторите на медицина, но со критички однос кон сите оние кои го рушат достоинството, угледот и интегритетот на професијата. Лекарската комора нема да дозволи ваквите изолирани инциденти да бидат на товар на сите лекари кои професионално и одговорно секојдневно постапуваат и лекуваат пациенти“ – пишува во соопштението на Лекарската комора.
Со кодексот за медицинската деонтологија, лекарите се обврзуваат дека професијата ќе ја вршат совесно и одговорно, почитувајќи ги достоинственото и правата на болните.
Андријана Ѓурческа
