Охрид исполнет со туристи за велигденскиот празничен викенд
Охрид се исполни со туристи од земјава и странство за продолжениот велигденски викенд. Хотелите во зависност од големината на капацитетите се исполнети помеѓу триесет и шеесет проценти, а слична е и искористеноста на индивидуалните сместувачки капацитети. Се очекува најголемиот број од гостите вечерва на полноќ да бидат во охридските цркви каде што ќе ја слушнат радосната вест за Христовото Воскресение…

Како што се очекуваше Охрид се исполни со туристи за продолжениот празничен викенд. Радосната вест за Христовото Воскресение во охридските древни духовни храмови покрај охриѓани ќе ја слушнат и поголем број верници од регионот, но и од други европски држави, кои уште вчера допатуваа на Охридското крајбрежје. Хотелите се половично исполнети, слична е искористеноста на индивидуалните сместувачки капацитети, а најбројни се посетителите кои поседуваат викендички или викенд станови.
„Почетокот на туристичката сезона за оваа година со Велигденските празници можеме да кажеме дека добро тргнува и дека имаме позитивни резултати. Да кажеме дека оваа година ќе бидеме многу, многу повеќе посетени, бидејќи уште од 1 Мај можеме да кажеме дека се закупени аранжманите по сите хотелски капацитети. Има голем интерес и за домашни туристи, однадвор и регионот“, изјави Љупчо Цветаноски, хотелиер.
„Од Грција многу очекуваме годинава. Гледам еве сиве викенди дека од Грција веќе се почести и почести. Се враќа капацитетот на гости од Грција што ги очекуваме“, изјави Љупчо Јузмески, туристички водич.
Гостите покрај тоа што уживаат во убавините на градот и Езерото се воодушевени од прекрасно украсениот плоштад во духот на христијанскиот празник Велигден.
„Секоја година доаѓаме за Велигден затоа што го сакаме Охрид. Се е убаво тука, прошетка до Свети Наум, голтка вода од Билјанините Извори“, вели турист од Србија.
„Ова е многу убава земја, воодушевен сум. Бев тука пред 5 години и повторно ќе се вратам“, додаде друг турист од Полска.
Официјалната туристичка сезона во Охрид започнува на 1-ви Мај, а традиционално со првиот чартер-лет ќе допатуваат холандските туристи. Покрај од Холандија најбројни ќе бидат гостите од Србија, Полска, Турција, но и од други земји со кои веќе се воспоставени нови авиолинии.
Сашо Нелоски
