Здравство

Суспендиран е анестезиологот од тетовската болница, и Лекарската комора со осуда

15.04.2023 17:25

Суспендиран анестезиологот од тетовската болница кој на социјалната мрежа „тик-ток“ во живо ги снимал и ги пренесувал пациентките од гинекологија. Надлежните велат дека во иднина нема да дозволат да се случуваат вакви инциденти. И Лекарската комора со осуда. Јавен обвинител работи на случајот и по негово документирање ќе биде поднесена соодветна пријава...

Отказ и одземање на лиценцата за работа за 43 годишниот анестезиолог од тетовската болница откако на социјалната мрежа „тик ток“ објави снимки од пациентки на Одделот за гинекологија додека им се пружа лекарска помош, најави министерот за здравство. Надлежните велат дека во иднина нема да дозволат да се случуваат вакви инциденти.

Доцна синоќа во тетовско Одри полицијата го приведе анестезиологот, од МВР велат дека е известен јавен обвинител и по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Осуда за настанот стигна и од лекарската комора, најавија дека во најкус рок органите на Комората ќе го разгледаат случајот и ќе преземат мерки.

„Со кодексот за медицинска деонтологија лекарите се обврзуваат дека професија ќе ја вршат совесно и одговорно, дека ќе го почитуваат човековото достоинство и правата на болните и ќе ја чуваат нивната доверба. Лекарската комора нема да дозволи ваквите изолирани инциденти да бидат на товар на сите лекари кои професионално и одговорно секојдневно постапуваат и лекуваат пациенти“ – пишува во соопштението на Лекарската комора.

Според Законот за заштита на правата на пациентите, почитувањето на приватноста е едно од главните начела на хуманост, а здравствената установа е должна да му обезбеди на пациентот услови што обезбедуваат приватност при прегледот, а особено при укажувањето на лична нега.

 

Андријана Ѓурческа