Во Судан жртви во вооружените судири меѓу армијата и паравојската
Десетици цивили загинаа, стотици се повредени во судирот меѓу армијата на Судан и паравоените сили за брза поддршка. Жителите на главниот град Картум се најдоа во средиштето на жестоките борби, кои се водат околу претседателската палата, телевизијата, главниот штаб на војската. Меѓународната заедница побара запирање на насилствата, поттикнати од предложената транзиција од воена кон цивилна власт...

Цивилни и воени жртви во вооружените судири меѓу суданската армија и Силите за брза поддршка (РСФ) во градот Омдурман кои се борат за власт, додека политички фракции преговараат за формирање преодна влада по воениот удар во 2021 година. Борбите продолжуваат во Картум, Бахри, и Порт Судан на Црвено Море. На улиците и натаму топови и оклопни возила. Суданската војска почна воздушни напади врз база на паравоените сили во близина на Картум во повторен обид да воспостави контрола над земјата по судирите во кои загинаа десетици лица.
Војската ги демантира тврдењата на РСФ дека ја зазеле претседателската палата, резиденцијата на воениот командант, државата телевизија и неколку аеродроми во Картум. Поради несогласувањата беше одложено потпишувањето на меѓународно-поддржаниот договор со политичките партии за премин кон демократија. Коалицијата на цивилни здруженија која во декември го потпиша нацрт-договорот повика на итен прекин на насилствата. Сличен апел и од меѓународната заедница.
„Големите партии во Картум пред неколку недели постигнаа битен рамковен договор за премин кој цивилна влада. И постои вистински напредок. Зборував со генерал Бурхан и остануваат некои важни прашања. Но постои вистинска можност да се оди напред“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.
„Ги следам склучувањата во Судан. Близок сум со суданскиот народ кој е одамна измачен, да се помолиме да се спушти оружјето и да преовлада дијалогот за да продолжат на патот кон мирот и слогата“, изјави Папата Франциск, поглавар на Римокатоличката црква.
Армискиот началник генерал Абдел Фатах ел Бурхан порача – РСФ треба да се откажат, нема преговори доколку не бидат распуштени. Шефот на Силите за брза поддршка, генерал Мохамед Хамдан Дагало, познат како Хемедти, го нарече Бурхан „криминалец“ и „лажго“. Силите за брза поддршка, составени од членови на милицијата Џанџавид, обвинети за злосторства за време на војната во 2003 година во Дарфур, западен Судан, се обвинети за вмешаност во задушувањето на бунтот против диктаторот Омар ал-Башир кон крајот на 2018 година што кулминираше со неговото соборување една година подоцна.
Последните ескалации дополнително ја влошуваат кризата во Судан кој се бори и со економски проблеми и племенско насилство, а ги усложнуваат и процесите за организирање нови избори.
Маја С. Филдишев
