Битола

Уникатна техника за изработка на икони

16.04.2023 17:40

Ако на копаничарите им е потребен цел арсенал алатки да го обликуваат дрвото во икона, на битолската брачна двојка Сариевски доволни им се ножици, лепак и срмен конец за да создадат уметничко дело во филигран техника. Досега на ваков начин изработиле над илјада икони, кои се барани, особено од нашите иселеници...

Нема икона што вештите раце на битолската брачна двојка Сариевски со срмен конец на хамер хартија не ја изработиле. Со филигран техниката се занимаваат близу една деценија. Велат тоа е пипава работа за која треба многу трпеливост но пред сè љубов кон работата за да финалниот производ биде едно ремек-дело. Идејата да се започне еден ваков семеен бизнис ја начнал сопругот Роберт, за по некоја година и понежниот пол се вклучи во надоградба на започнатото.

Колку конецот е потенок а неговата боја пооригинална толку иконата е поавтентична. За изработка на едно дело со просечна големина потребни им се околу десет часа, вели Маргарита.

Досега изработиле над илјада икони за кој голем интерес пројавуваат и странците а пред сè нашите иселеници. Најмногу се каат што за себе не го зачувале нивното најмило дело.

Кога би го вратиле времето назад, велат повторно би тргнале по истиот пат затоа што во духовното го пронашле и спокојот но и заработката од која едно семејство може да живее.

 

Стевче Митревски