Куманово

Кумановец со години изработува икони и фрески

17.04.2023 10:23

Интересот за набавка на икони е мала, но тоа не го предомислува 61-годишниот Јовица Ивановски од Куманово да престане да твори. Овој кумановец освен што изработува икони, работи и на фрески. Вели предизвик е да се работи на вакви духовни вредности...

Шеесет и едногодишниот Јовица Ивановски, слободен уметник од Куманово веќе неколку години изработува икони. Овој верник на 12-годишна возраст започнал да се занимава со музиката, нешто подоцна и со книжевноста, а потоа и со сликарството. Како и секој почетник започнал да слика природа и пејзажи, но надоградувајќи, предизвик станало да се изработуваат духовни дела. Вели не постои поубаво чувство од создавањето на икони. Предизвик секогаш му е работата на иконата на Света Петка.

„На почетокот треба многу време за изработка, човекот да осознае многу работи, ефекти во самата уметност на иконографијата, но подоцна времето се крати. Една икона од 20-30 формат можам за три дена сигурно да ја завршам“, вели тој.

Обично работи на дрво, но и на платно, во различни техники. Бојата вели на иконите може да се менува, но ликот останува ист. Во Куманово посочува мал е бројот на граѓани кои сакаат да набават икони. Вообичаено вели купуваат лицата коишто работат надвор од земјава. Поради ваквата состојба повеќе е насочен кон изработка на фрески.

„Изработувам и фрески, моментално сум во црквата во село Лопате на изработка на фрескопис, работам во крштална, по потреба и тука и почнав. Во селото Габреш манастирот Света Петка“, истакна тој.

Ивановски посочува дека љубовта кон изработката на овие свети дела, нема да запре и дека активно ќе продолжи да твори.

 

Елена Георгиевска