празник

Светол Понеделник, втор ден Велигден

17.04.2023 13:48

Верниците денеска го слават вториот ден од големиот христијански празник Велигден. Меѓу народот е познат како Светол Понеделник. И утрово верниците ги посетија храмовите, радувајќи се на Воскресението Христово. Посакаа здравје, среќа и нова надеж...

Денеска е Светол Понеделник, втор ден Велигден. Денот кога се расчу веста за воскреснувањето на Исус Христос. Со овој ден, започна светлата недела со којашто христијаните го празнуваат Исусовото воскресение.

Архиепископот Охридски и Македонски г.г Стефан богослужеше воскресенска литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“. Православните христијани со свеќа в рака се помолија за здравје и бериќет.

Христовото Воскресение е најсветол празник, празник над празниците, кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, каде се одржуваат воскресенски литургии.

 

Александра Спировска