Пукање на тинејџерска роденденска забава во Алабама, има жртви
Четворица загинаа, 30 повредени, некои се и критично, ова е билансот од пукање на тинејџерска роденденска забава во Алабама. Жртвите се млади луѓе. Сè се случило брзо и без предупредување...

Тага и неверување во американската сојузна држава Алабама, каде вооружен напаѓач викендов отвори оган на роденденска забава на тинејџер во студио за танц во малиот град Дејдвил. Четворица загинаа, а околу 30 луѓе се повредени, некои критично. Жртвите се млади луѓе. Преживеаните во масакрот сведочат дека сè се случило брзо и без предупредување.
„Одев, и ме застрелаа на три места“.
„Загинатиот беше добра личност. Стоев веднаш до него“.
Училиштата на првиот работен ден организираа советување за оние кои се потресени од трагедијата.
„Ова не ја претставува нашата заедница. Тоа не ги претставува нашите деца и не претставува кои сме ние. Но, сакам да им понудам и еден збор на охрабрување на нашите родители. Во училиштата ќе имаме советување за учениците. Ќе вложиме максимални напори да ги утешиме тие деца и да не го изгубиме од вид фактот дека токму тие се најпогодени од оваа ситуација“, изјави Рејмонд Портер, началник на училишта во округот Талапуса.
Полицијата во Алабама работи на расветлување на околностите под кои се случи масовното пукање и на мотивите за нападот.
„Четири животи беа изгубени во трагичниот настан што се случи овде во Дејдвил. Има 28 лица кои се повредени во текот на инцидентот. Некои од тие повреди се критични. Тие се во критична состојба и затоа е важно секој да продолжи да се моли за тие поединци да се опорават, како и за нивните семејства“, изјави наредник Џереми Буркет од Агенција за спроведување на законот во Алабама.
„Градот Дејдвил е тесно поврзана заедница полна со прекрасни луѓе. Ве молиме не дозволувајте овој момент да дефинира што мислите за Дејдвил и за нашите добри луѓе. Она со што се занимаваме е нешто што ниту една заедница не треба да го издржи“, изјави Џонатан Флојд, началник на полицијата во Дејдвил.
Статистиките кои ги пренесуваат американските медиуми покажуваат дека од почетокот на годинава имало 160 масовни пукања со четири или повеќе жртви. И по овој инцидент, американскиот претседател Бајден повика на затегнување на законската регулатива за контрола на оружјето.
Ирина Гелевска
