Во борбите во Судан загинаа тројца хуманитарни работници
Продолжуваат вооружените пресметки меѓу војската и паравојската во Судан. Во борбите загинаа стотина луѓе, меѓу нив и тројца хуманитарци. Светската програма за храна на ОН ја запира помошта. Дипломатите скептични околу брза и мирна разрешница.

Крвава борба за превласт меѓу суданската армија и Силите за брза поддршка (РСФ). Продолжуваат вооружените пресметки низ улиците на Картум. Стотина луѓе загинаа, меѓу кои и тројца хуманитарни работници на ОН. Светската програма за храна ја суспендира помошта. Во главниот град е запрено снабдувањето со вода и струја.
„Не смеам да излезам, опасно е. Војската е насекаде“, изјави Ахмед, инженер во Картум.
Во 2019 година по тридецениска диктатура со народен бунт беше соборен Омар ал Башир. Поранешниот премиер на Судан тврди – никогаш нема да се вратиме на тој режим. Дипломатите скептични околу брза и мирна разрешница на несогласувањата меѓу генералите Бурхан, командантот на армијата, и Хемети, лидерот на РСФ.
„Што и да се случи сега, Судан не е веќе истиот по промената од април 2019 година. Засекогаш се збогувавме со диктатурата. Можеби ќе се менуваме, ќе имаме препреки, но никогаш нема да бидеме поразени“, изјави Абдала Хемдок, поранешен премиер на Судан.
„Постојат две сериозно вооружени сили кои сакаат моќ. И двете ветуваа дека ќе одговорат на суданската револуција со трансфер на моќта на цивилите. Но постојано го избегнуваат тоа. Се сомневам дека ќе видиме уште повеќе борби додека двете страни не сфатат дека нема да победат со војна“, изјави Вилијам Пејти, поранешен премиер на Судан.
Бурхан и Хемети се поранешни сојузници кои заеднички го организираа воениот удар во 2021-ва година. И покрај меѓународниот притисок, сега и двајцата одбиваат да преговараат.
„Народот на Судан сака да ја види војската назад во касарните. Сака демократија, граѓанска влада“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.
„Повикуваме на итен прекин на огнот, враќање на разговорите во насока кон цивилна влада. Тоа е крајниот посакуван исход“, истакна Џејмс Клеверли, министер за надворешни работи на Обединетото Кралство.
Арапската Лига одржа вонреден состанок.
„И покрај националните, регионалните и меѓународните напори, овие расформирани сили не се согласија да се интегрираат со националната армија како што беше договорено“, вели Ал Садик Омар Абдала, судански пратеник во Арапска лига.
„Предупредуваме дека постои опасност од ескалација на насилството и непредвидливи последици на локално и регионално ниво“, изјави Обаида ал-Дандарави, заменик-постојан претставник на Египет.
Последните ескалации дополнително ја влошуваат кризата во Судан кој се бори и со економски проблеми и племенско насилство, а ги усложнуваат и процесите за организирање нови избори.
Маја С. Филдишев
