Пецаков: Местото на Охридскиот Регион е на списокот на УНЕСКО
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков смета дека местото на Охридскиот Регион не му е на списокот на загрозени подрачја на УНЕСКО. Напротив тој очекува поддршка од претставниците на оваа светска организација кои ќе допатуваат во нашата земја кон крајот на месецов за сочувување на сегашниот статус, откако ќе бидат информирани за напорите што ги прават локалната и централната власт за исполнување на препораките. Вели дека тие што сакаат да го видат Охридскиот Регион на списокот на загрозени подрачја не му мислат добро на Охрид…

Пред нас е огромен предизвик да го сочуваме сегашниот статус на Охридскиот регион во УНЕСКО и ќе направиме се да ги убедиме претставниците на светската организација коишто на крајот на април ќе допатуваат во Охрид дека има напредок во исполнување на препораките. Ова е ставот на охридскиот градоначалник, Кирил Пецаков, кој смета дека се започнати сериозни процеси, но дека е невозможно за само две години да се санира она што се правело во изминатите три децении.
„Очекувам поддршка во сиот овој процес и од претставниците коишто ќе пристигнат од УНЕСКО и Бернската конвенција. Да се препознае напорот на Локалната самоуправа заедно со централната власт околу спроведување на работите, а носењето на Охрид како загрозено подрачје под заштита на УНЕСКО ќе има сериозен удар врз економијата во градот, прекин на развојот во секаква смисла на зборот“, изјави Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.
Брендот што го има Охрид како дел од Листата на УНЕСКО не смее да се изгуби, вели Пецаков, и посочува дека некои луѓе 6-7 години потрошиле изнесувајќи бројни невистини за состојбите во Охридскиот Регион, иако дел од критиките биле на место.
„Патот по којшто не носат оние коишто не му мислат добро на Охрид, а што е најбитно врска немаат со тоа, ниту имаат потекло од Охрид, ниту некаков интерес. Интересот е само ако станеме подрачје кое што ќе биде загрозено подрачје под УНЕСКО затоа што тогаш доаѓаат фондови. Ама не фондови да му помогнат на Охрид и да спроведиме ние проекти за 15-20 милиони евра, коишто ни се потребни, туку фондови за некој да ни држи предавања нас како треба“ вели градоначалникот Пецаков.
Легализација на дивоградби долж крајбрежјето нема да има вели првиот човек на Охрид. Откако ќе се донесат ГУП и ДУП дивоградбите коишто се подалеку од централното градско подрачје, односно во околните населби доколку се вклопат во урбанистичките планови нема да се уриваат, а за старото градско јадро ќе се одлучува на централно ниво, бидејќи на локалната власт и се одземени ингеренциите за тој дел на градот.
Сашо Нелоски
