Опозицијата бара оставка од Османи
Оставка и кривична одговорност за шефот на дипломатијата Османи побараа од ВМРО-ДПМНЕ, поради тоа што говорел на албански на официјални средби. Бараат надлежните органи веднаш да поведат постапка за нарушување на угледот на државата. МНР ги отфрли обвинувањата дека несоодветно бил применет Законот за јазиците. Ги повикаа ВМРО–ДПМНЕ да ги потврдат тврдењата со доказ...

Институциите да отворат постапка за нарушување на угледот на државата, а министерот за надворешни работи Бујар Османи да поднесе оставка и кривично да одговара, побара опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тие сметаат дека Османи ги прекршил Уставот и Рамковниот договор, бидејќи на официјална средба со неговиот шпански колега не говорел на македонски, како службен јазик за меѓународна употреба.
Од МНР тврдат дека немало прекршување на правилата. Оттаму велат дека Законот за употреба на јазиците секогаш е соодветно применуван, а на секој настан, министерот се обраќа на двата службени јазици дефинирани според Уставот и Законот, а институцијата обезбедува превод.
„Употребата на службените јазици на Република Северна Македонија е материја која е регулирана со закон и истата треба соодветно да се применува без притоа да биде предмет на политичка пресметка. Ги повикуваме ВМРО-ДПМНЕ да ги поткрепат тврдењата со некаков доказ, запис или снимка; во спротивно, да покажат почит кон вредностите кои ги застапуваат и јавно да се извинат за непотребното создавање конфузија во јавноста на етничка основа“-велат од МНР.
Шпанскиот министер за надворешни работи и ЕУ, Хозе Мануел Албарез Буено во посета на Скопје беше во петокот, прва билатерална посета на шеф на дипломатијата од оваа земја. Шпанија за неколку месеци ќе претседава со блокот, а Албарез од Скопје даде поддршка за процесот на проширување со државите од Западен Балкан.
Анита Димитријевска Велковска
