Изложба

Сергеј Андреевски со неизложени хартии во Грција

18.04.2023 09:32

Оваа поставка е продолжение на големото ретроспективно претставување со наслов „ХАРТИИ“ што се случи минатиот мај во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје. Имено, голем дел од селектираните дела не можеа да бидат изложени во музејот, минатата година, заради лимитираниот простор...

Во петок, 21-ви Април со почеток во 19 часот, во општината Каламариа во Солун, свечено ќе биде отворена самостојна изложба на Сергеј Андреевски со наслов: „Неизложени дела на хартија“.

На некој начин, оваа поставка е продолжение на големото ретроспективно претставување со наслов „ХАРТИИ“ што се случи минатиот мај во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје. Имено, голем дел од селектираните дела не можеа да бидат изложени во музејот, минатата година, заради лимитираниот простор. Токму тие дела ќе и бидат претставени на публиката во Солун. Тоа се цртежи и слики од различни творечки фази и тематски циклуси, главно инспирирани од патувањата на авторот низ светот. Создадени се на различни видови хартија – од обична, професионална и рециклирана Арш хартија, до рачно изработена јапонска хартија – Ваши.

Делата ќе бидат поставени во општинската галерија РЕМЕЦО во Каламариа, Солун во периодот од 21-29 април, а на отворањето, за творештвото на Сергеј ќе говори Харис Савидес, меѓународно етаблиран архитект и фотограф од Атина.

Реализацијата на проектот е овозможена од македонското Министерство за култура.