Руско - украински конфликт

Путин во посета на руските воени штабови во Украина

18.04.2023 11:42

Рускиот претседател Путин во ненадејна посета на Украина. Шефот на Кремљ ги обиколи руските воени штабови, како дел од проверката на ситуацијата на теренот. Москва интензивно распоредува подморници во Пацифичкиот Океан. Во меѓувреме, НАТО испрати војници во осум земји кои граничат со Русија. На фронтот, битките се најжестоки во Бахмут и Лиман...

Рускиот претседател, Владимир Путин, ги посети воените штабови во украинските региони Херсон и Луганск, кои делумно се под контрола на руската војска. Шефот на Кремљ присуствуваше на воениот команден состанок за да ги слушне извештаите од воздухопловните сили и армиската група „Дњепар“, како и од други високи офицери за ситуацијата во Херсон и Запорожје, кои Москва ги прогласи за дел од Русија.

„Вашите обврски се директно поврзани со контрола и команда на трупите. Важно ми е да го слушнам вашето мислење за развојот на ситуацијата, да ве ислушам, да размениме информации“, рекол рускиот претседател, Владимир Путин.

На 19-ти март, Путин го посети разурнатиот град Мариупол во рамки на ненадејната обиколка на окупираните делови на Украина. Руските сили се повлекоа од регионалниот главен град Херсон во ноември и ги засилија своите позиции на спротивниот брег на реката Дњепар во очекување на украинска противофанзива. По информирањето, Путин им подари православна икона која ја поседуваат најуспешните министри за одбрана на руската армија во 19. век

Москва интензивирано распоредува подморници во Пацифичкиот Океан. Над Берингово и Охотско Море прелетуваат два бомбардера ТУ-95МС со капацитет за носење на проектили во рамките на вежбите за подготвеност на тихоокеанската флота. Во наредниот период ќе се засилуваат и воздушните патроли.

Министрите за надворешни работи на Групата седум најразвиени земји (Г7), ги осудија неодамнешните најави на Русија за стационирање нуклеарно оружје во Белорусија. На тридневната средба во јапонското одморалиште Каруизава, побараа да не се преземаат мерки за насилно менување на светскиот поредок. Во меѓувреме, НАТО испрати војници во осум земји кои граничат со Русија.

На фронтот, битките се најжестоки во Бахмут, кој е меѓу главните жаришта веќе осум и пол месеци.

„Нашата војска е првата која ќе знае што ќе се случува на фронтот. Клучната фраза е „нашата војска“. Второ, овие прашања ќе бидат разгледани на состанок со штабот на воениот командант, претседателот. И само тогаш ќе биде одлучено кога, каде и со кое темпо ќе ја ослободиме земјата. Никого нема да прашуваме, кога да ја почнеме контраофанзивата и во која насока. Ако некој мисли дека одговараме некому, многу греши“, изјави Олексеј Данилов, секретар во Советот за национална безбедност на Украина.

Војната во Украина трае 14 месеци.

Маја С. Филдишев