Судан

Крвави битки меѓу паравојската и суданската армија

18.04.2023 12:51

Хаосот во Судан не прекинува. Kрвави битки меѓу паравојската и суданската армија. Стотици загинати и ранети цивили. Било пукано врз американски дипломатски конвој, иако возилата биле видно обележани со американски знамиња, вели Блинкен. Нападнат и дипломат на Европската унија...

Продолжуваат жестоки борби во Картум, главниот град на Судан. Повеќе од 185 луѓе се убиени, а над 1.800 се ранети.

На улиците во Картум има многу тела, особено околу центарот на градот. Суданската војска и силите за брза поддршка користат тенкови и артилерија во густонаселените области. Суданските паравоени сили гранатираа болница во центарот на Картум, загина 6 годишно дете, а уште две биле тешко ранети.

Во болницата која е неколку метри оддалечена од штабот на армијата се лекуваат голем број ранети војници и нивните семејства. Водачите на спротивставените страни си ја префрлаат вината за поттикнувањето на борбите во земјата, бригадниот генерал Абдула тврди дека состојбата е под контрола на суданските регуларни сили.

„Ситуацијата е целосно под контрола, тоа беше првиот чекор и имаше за цел да ги апсорбира шоковите, да ја контролира ситуацијата и да ги подготви околностите за следната фаза. Паднаа воените делови од штабот на РСФ и многу луѓе и се предале на армијата“, изјави набил Абдула - портпарол на суданските воени сили.

Американскиот државен секретар Блинкен, изрази загриженост за смртта на суданските цивили, потврди и дека било пукано врз американски дипломатски конвој.

„Можам да потврдам дека вчера имавме американски дипломатски конвој врз кој беше пукано. Сите наши луѓе се безбедни, беше неодговорно и небезбедно, се пукаше врз дипломатски конвој со дипломатски таблички, знамиња на САД. Имаме длабока загриженост за целокупното безбедносно опкружување бидејќи тоа влијае на цивилите, како што влијае на дипломатите, како што влијае на хуманитарните работници.“, изјави Ентони Блинкен - државен секретар на САД.

Борбите меѓу редовната армија на Судан предводена од генералот Ал Бурхан и Силите за брза поддршка предводена од командантот Дагало, траат од саботата и двајцата тврдат дека се предодредени да воведат демократија во земјата.

 

 

Марина Ристова