„Уништен свет“ на Зоран Попоски создаден со вештачка интелигенција, финалист на филмскиот фестивал во Далас
Кусометражниот филм со наслов „Уништен свет“, во режија на македонскиот дигитален уметник Зоран Попоски создаден со помош на вештачка интелигенција (ВИ) влезе во финалето на 53-то издание на Меѓународниот филмски фестивал во Далас, Тексас. Овој филм е номиниран во категоријата меѓународен кусометражен филм и видео...

Кусометражниот филм со наслов „Уништен свет“, во режија на македонскиот дигитален уметник Зоран Попоски создаден со помош на вештачка интелигенција (ВИ) влезе во финалето на 53-то издание на Меѓународниот филмски фестивал во Далас, Тексас. Овој филм е номиниран во категоријата меѓународен кусометражен филм и видео.
„Уништен свет“ на Попоски е прв кусометражен поетски филм во кој сите елементи и слика и звук и нарација се создадени со помош на вештачка интелигенција. Во 2022-ра година филмот премиерно беше прикажан во Лос Анџелес, а до сега е прикажан на околу петнаесетина меѓународни филмски и видео фестивали, од каде носи неколку награди за најдобар кусометражен поетски филм и најдобар апстрактен филм.
Фестивалот во Далас е еден од најреномираните меѓународни филмски фестивали, кој постои повеќе од половина век и на кој досега премиерно се прикажани илјадници филмови.
„Номинацијата за награда, како финалист на овој еминентен филмски фестивал е вистинска чест. Мојот кусометражен филм поетски го истражува сложениот однос меѓу човештвото и технологијата, односно, вештачката интелигенција. Мојата благодарност до Фестивалот во Далас што го номинираше мојот филм за награда, во оваа престижна категорија и што придонесува за ширењето на пораката на филмот со тамошната публика“, изјави режисерот Попоски.
Зоран Попоски магистрирал уметност во нови медиуми во Австрија и САД, а докторирал студии на културата во Скопје. Попоски досега има реализирано над 100 меѓународни изложби, добитник на повеќе меѓународни награди за уметност.
