Светски ден на културното наследство
Mузеите во земјава и светот денеска ги отворија вратите за сите љубители на културата по повод Светскиот ден на културното наследство. Tака е и во древниот Охрид каде што бројни посетители од земјава и странство бесплатно можеа да ги посетат најзначајните музеи во кои се изложени драгоцени предмети од нашата историја...

18-ти април, Светскиот ден на културното наследство, прогласен од ИКОМОС, а прифатен од УНЕСКО ги исполни охридските музеи со вљубеници во нашето непроценливо културно-историско наследство. Денеска сите музеи во земјава и светот ширум ги отворија вратите за посетители, а влезот беше бесплатен, со цел да се подигне свеста на јавноста за значењето на културното наследство. Како и сите години наназад интересот на странците за музеите беше поголем отколку кај охриѓани и македонските граѓани кои престојуваат во Охрид.
„Од објектите коишто се во наша надлежност Галеријата на икони е со најмала посетеност од локалното и од македонското население, а е светски позната икона, на ист ранг со Третјаковската галерија, со збирката на икони во Синајскиот манастир на Атос. Светски познатата галерија би било добро да биде вклучена во наставната содржина во образовниот систем, децата да бидат запознаени што Македонија, а посебно и градот Охрид има како светско културно богатство“, изјави Катерина Велкоска-директор на Завод и Музеј Охрид.
Покрај Галеријата на икони љубителите на културата денеска имаа можност да ги посетат Музејот Куќа на Робевци, Самуиловата тврдина и Музејот на вода кај Градиште.
„Јас сум од Австралија, јас сум многу среќна дека јас можам да посетам музеј и да ја откријам македонската култура“, рече Никол Варда од Австралија.
„Би сакала да ја поздравам оваа иницијатива на Завод и Музеј Охрид за можноста што ни се укажува да ги видиме убавините на Охрид, нашето културно наследство, историјата. Но, како претставник на Црвен Крст Охрид сакам да упатам благодарност за можноста да се посетат подружниците на Завод и Музеј за нашите групи кои ни доаѓаат од целиот свет“, изјави Мимоза Ставрева-секретар на Црвен крст Охрид.
„Јас многу го ценам културното наследство на Охрид и оваа прилика е многу добра за мене да ги посетам сите музеи во Охрид, во мојот роден град и како најубава експозиција ми е златната соба во Куќата на Робевци“, додаде жителка на Охрид.
Оваа година на Светскиот ден културното наследство акцентот е ставен на темата „Промените на културното наследство под влијание на климатските промени“.
Сашо Нелоски
