Работнички чека помош од Вардар и од Шкендија
Најнеизвесниот и најизедначен македонски фудбалски шампионат би можел да го добие новиот првак на коло пред крајот од прволигашката сезона, уште по денешната 32.прволигашка рунда. Иако три екипи се во трка во титулата, неделното попладне може да има шампионски „хепиенд“ за Работнички, којшто пред само четири дена го освои и пехарот во националниот Куп.

Најнеизвесниот и најизедначен македонски фудбалски шампионат би можел да го добие новиот првак на коло пред крајот од прволигашката сезона, уште по денешната 32.прволигашка рунда. Иако три екипи се во трка во титулата, неделното попладне може да има шампионски „хепиенд“ за Работнички, којшто пред само четири дена го освои и пехарот во националниот Куп.
За да се реализира таквото сценарио, потребно е да бидат исполнети три услови. Самите „дебармаалци“ да го победат скопскиот конкурент Еуромилк Горно Лисиче, а Турново и Металург да не триумфираат против Вардар, односно против Шкендија во средбите коишто исто така ќе бидат одиграни во Скопје.
По 31 коло сезонава, два бода е предноста на Работнички во однос на Турново, а три бода во однос на Металург. Математички, четири бода во двата завршни меча ќе му бидат доволни на лидерот за да ја освои двојната круна. Во последниот меч како домаќин сезонава (но не на Арената „Филип Втори“, туку на стадионот во Ѓорче Петров) денеска ја очекува првата победа над Еуромилк, против кого освои само еден од можните шест бода во годинашните меѓусебни дуели. Задачата е навидум лесно остварлива, но само ако се заборави на фактот дека и Еуромилк се уште не го кажал последниот збор и оти силно е заинтересиран и мотивиран да му ги заплетка сметките на шампионскиот претендент. Тимот од Горно Лисиче е четврти одзади на табелата, што значи на место коешто носи во понизок ранг, со два бода помалку од Ренова и со четири бода помалку од Брегалница, коиишто се наоѓаат над него и може да ги стигне и да обезбеди опстанок во елитата. Затоа, Еуромилк ќе му биде и повеќе од сериозен ривал во мечот којшто МРТ ќе го пренесува во живо на Собранискиот Сервис со почеток 16 часот.
На можниот шампионски расплет денеска најдиректно ќе влијаат уште два натпревара во главниот град. На Арената „Филип Втори“ претендентот Турново ќе биде пред императив да го совлада Вардар, којшто пак е четврти на табелата и со сите сили ќе напаѓа за да обезбеди барем утешен пласман во Лига Европа. Турновци не смеат да потклекнат, бидејќиво во случај на триумф на Работнички над Еуромилк, нема да можат ниту теоретски да го симнат од врвот по меѓусебната пресметка предвидена за во последното коло.
На пехарот се уште рефлектира и Металург, којшто по поразот во финалето на купот во „Автокоманда“ ја пречекува Шкендија. Засилениот тетовски тим до неодамна висеше над амбисот, но по серијата одлични резултати се качи на петтото место со само бод помалку од Вардар, што значи дека и излезот во Европа и е на дофат. Сето тоа му додава уште поголема привлечност и ја зголемува дозата неизвесност на гостувањето на Шкендија кај Металург, но и воопшто во борбата за шампионската титула.
Пласманот во Лига Европа е во мислите и во надежите и на Пелистер, којшто во Битола ќе игра со се уште необезбедената Брегалница. Само едно место над црвената линија е и Ренова, којашто денеска ќе и биде домаќин на веќе испаднатата Македонија ЃП, додека меѓусебен дуел имаат закажано и Гостивар и Напредок, двата најслаби тима во лигата коишто в година ќе играат во второлигашката конкуренција.
