Социјални станови

Ковачевски: Обезбедивме дом за уште 312 семејства во новата, најголема социјална зграда во државата, во општината Бутел

19.04.2023 12:29

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, со заменикот министер за транспорт и врски, Беким Реџепи, со директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката, Зоран Ѓоргиев, денеска беше во општината Бутел, каде што се довршува изградбата на најголемата социјална зграда во државата...

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, со заменикот министер за транспорт и врски, Беким Реџепи, со директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката, Зоран Ѓоргиев, денеска беше во општината Бутел, каде што се довршува изградбата на најголемата социјална зграда во државата.

„Реализирани се 95 проценти од градежните работи за социјалната зграда што ја градиме овде во општината Бутел. Ова е најголемата социјална зграда во државата, во којашто наскоро домови ќе добијат 312 семејства од социјално ранливите категории. И со овој зафат, покажуваме дека, ние, го исполнуваме ветеното“, соопшти премиерот Ковачевски, по обиколката на теренот каде се изведуваат градежните работи.

За оваа, 2023 година, како што посочи премиерот Ковачевски, обезбедени се 5,5 милиони евра повеќе од лани за социјални услуги, во Буџетот на Министерството за труд и социјална политика; околу 36 илјади домаќинства примаат гарантирана минимална помош; околу 31 илјада деца се опфатени со правото за образован додаток; над 47 илјади деца се опфатени со правото за детски додаток, според исплатата во декември 2022 година. Со Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории граѓани, за справување со енергетската криза, обезбедени се по 3.000 денари месечно, или вкупно 12 илјади денари за четири месеци, за корисниците на повеќе категории социјални права. Социјалната помош, генерално, во изминатите неколку години, е зголемена за над 300 проценти. Истовремено, зголемувајќи ја минималната плата, зголемувајќи ја просечната плата и намалувајќи ја невработеноста. Премиерот нагласи дека целта на Владата не е да се држат граѓаните во системот на социјална заштита, туку да се овозможи, во него да влезат оние кои се најранливи и оние кои се материјално необезбедени.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, нагласи дека Владата дава поддршка на сите на кои тоа им е неопходно.

„Преку вакви капитални проекти го враќаме достоинството на социјално ранливите граѓани, овозможуваме да имаат пристоен живот и стабилно домување. Оваа зграда не е само капитален објект, таа е иден дом за 312 семејства. Вложивме околу 9,8 милиони евра за нејзина изградба за да помогнеме на деца без родители, на корисници на постојана парична помош, на самохрани родители, лица со попреченост. Сите тие имаат подеднакво право да се чувствуваат заштитени од државата. И драго ми што придонесуваме за подобар живот на граѓаните и веќе резултати се видливи насекаде низ државата“, рече министерот Бочварски.

„Колективната, станбена зграда наменета за лица во социјален ризик во Општина Бутел, досега најголема во државата, е со вкупна нето површина од приближно 14.300. м2. Транспарентноста помеѓу АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката – Скопје и Министерството за транспорт и врски овозможи во краток временски период да се објават повици за распределба на социјални станови во повеќе општини на ниво на Републиката, а поголем дел од колективните станбени згради наменети за лица во социјален ризик, се веќе распределени. Континуирано и напорно работиме, со цел да обезбедиме поквалитетен и достоинствен живот“, рече директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката, Зоран Ѓоргиев.

По заокружувањето на градежните работи, што се очекува да се случи за неколку месеци, ќе биде распишан оглас за доделување на становите во социјалната зграда во општината Бутел.