Руско-украински конфликт

Битки на фронтот, повици за испорака на оружје

19.04.2023 12:46

Русија извршила напад со ирански дронови-камиказа, погоден е инфраструктурен објект во Одеса. Жестоките битки и во градовите Бахмут и Маринка во Донецкиот регион. Киев го доби системот за противвоздушна одбрана „Патриот“ од Германија. Зеленски ги обнови повиците за авиони Ф-16, оружје со долг дострел, артилерија. Москва и Кракас развиваат алтернатива на SWIFT системот до кој клучните руски банки изгубија пристап поради војната во Украина...

Русија изврши напад со ирански дронови-камиказа, тврдат украинските сили. Погоден е инфраструктурен објект во Одеса, гранатирани населени места во Херсонскиот регион. Жестоките битки продолжија и во градовите Бахмут и Маринка во Донецкиот регион. Киев го доби системот за противвоздушна одбрана „Патриот“, кој и го вети Германија. Украинскиот претседател ги обнови повиците за авиони Ф-16, оружје со долг дострел, артилерија.

„Важно е да не изгубиме ниту еден ден во комуникацијата со нашите партнери. Имав разговор со претседателот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес Кевин Мекарти. Го покренав прашањето за авиони Ф-16, оружје со долг дострел, дополнителна артилерија и Трибуналот за руската агресија врз нашата земја. Заедно, го правиме слободниот свет посилен, а секој долар вложен во таа сила е целосно транспарентен и одговорен пред нашите партнери“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Шефот на руската дипломатија Лавров во рамки на турнејата низ Латинска Америка престојува во Венецуела. Потенцирано дека Москава и Кракас развиваат алтернатива на SWIFT, системот што овозможува глобални финансиски трансакции, до кој клучните руски банки изгубија пристап поради војната во Украина. Русија, заедно со Кина, е безусловен сојузник на венецуелската влада.

„Продолжуваме да инсистираме САД и Европа, да ги укинат сите санкции. Сè додека санкциите не бидат целосно укинати, нема да можеме да зборуваме за состојба на нормалност во односите меѓу земјите“, рече Иван Гил, министер за надворешни работи на Венецуела.

„Ќе дадеме се од себе за да се осигураме дека венецуелската економија станува се помалку зависна од геополитичките игри на САД или некои други играчи од западниот табор. Убеден сум дека нашето искуство ќе биде корисно и за нашите венецуелски пријатели затоа што сега сме светски шампиони по бројот на санкции и брзо акумулираме искуства“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

Текот на војната во Украина го става во прашање и извозот на украинско жито. Откако Русија објави дека нема да го продолжи Црноморскиот договор по 18-ти мај дојде до прекин на инспекцијата на бродовите што ја превезуваат стоката од Украина. Москва и Киев со обвинувања за запирање на инспекцискиот надзор. Нордиските радиодифузери пак, по едногодишна истрага, во документарна серија во три дела откриваат детали за руските рибарски бродови кои биле дел од руската флота за надзор, саботажа и подводно мапирање.

„Данската служба е свесна дека историски, па и денес Русија врши шпионажа во Данска. Русија првенствено го прави ова за да го прошири просторот за маневрирање во својата надворешна и безбедносна политика“, рече Андерс Хенриксен, Данска служба за безбедност и разузнавање.

„Шпионските бродови се изградени за собирање разузнавачки информации. Или за собирање електронски или акустични информации под морето. Сепак, цивилните бродови исто може да се користат за собирање информации“, вели Нилс Андреас Стенсонес, норвешката разузнавачка служба.

Првата епизода од документарниот серијал ќе биде емитувана вечерва на нордиските радиодифузери.

 

 

 

Маријана Димовска