Конфликтите во Судан не стивнуваат, илјадници луѓе се без пристап до храна
Борбите во Судан продолжија и покрај договорениот прекин на огнот од завојуваните страни на 24 часа. Неочекуваната ескалација на борбите принуди многу луѓе да се кријат во своите домови и во јавни згради...

Борбите во Судан продолжија и покрај договорениот прекин на огнот од завојуваните страни на 24 часа. Во Картум се слушале експлозии и пукотници и по 18 часот, кога требаше да стапи на сила примирјето. Неочекуваната ескалација на борбите во Судан. принуди многу луѓе да се кријат во своите домови и во јавни згради. Илјадници луѓе се без пристап до храна и здравствена заштита.
„Имаше многу бомбардирања и истрели од огнено оружје. Првиот ден се разбудив со звук на истрели и бомбардирање и црн чад во воздухот. Не добиваме вода. Не добиваме струја. Тоа е главниот проблем. И, цената на водата е навистина висока“, вели Махин, блогер за патувања.
Вооружените сили на Судан ги обвинија ривалските сили за брза поддршка дека не успеале да го спроведат примирјето.
„Спорадичните и ограничени судири продолжија во изминатите неколку дена, како и претходно. Во игра се повеќе фактори, а првиот е предлогот на меѓународните сили за 24-часовно хуманитарно примирје. Вооружените сили веднаш се согласија на ова, но бунтовничката милиција на силите за брза поддршка не соработуваше, спречувајќи ја нејзината имплементација на терен“, информираше бригадниот генерал Набил Абдула Али Муса, портпарол на суданските вооружени сили.
САД за сега немаат намера да го евакуираат нивниот персонал од амбасадата во Картум.
„Американската амбасада во Картум соопшти дека поради неизвесната безбедносна ситуација и затворањето на аеродромот, Американците не треба да очекуваат координирана евакуација од страна на американската влада во овој момент. Ги повикувавме американските граѓани да не патуваат во Судан уште од октомври минатата година. Императив е граѓаните на САД во Судан да направат свои аранжмани за да бидат безбедни, да останат безбедни во овие тешки околности “се во ова време“, изјави Карин Жан-Пјер, прес-секретар на Белата Куќа.
Јапонија, пак, се подготвува да ги евакуира јапонските државјани од Судан.
„Околу 60 јапонски државјани, вклучувајќи го и персоналот на амбасадата, престојуваат во Судан. Бевме во контакт со сите јапонски државјани кои престојуваат во областа. Министерот за надворешни работи, побара од министерот за одбрана да ги преземе неопходните подготвителни активности за транспорт на јапонските државјани кои престојуваат во областа“, изјави Хироказу Мацуно, јапонски главен секретар на кабинетот.
Според ОН бројот на загинати се искачи на над 270. Жителите пријавија судири околу воениот штаб и меѓународниот аеродром.
Марина Ристова
