Гевгелија

Застрелана мигрантка во Гевгелија

19.04.2023 14:52

Кај Гевгелија утрово е застрелана мигрантка откако криумчари нападнале полицаец со обид да му го одземат пиштолот. Инцидентот се случил кај гевгелиската касарна кога полицајците вршеле контрола на две патнички возила со осум мигранти кои почнале да бегаат. Жената во гевгелиската болница била примена без знаци на живот иако итната медицинска помош се обиделе да ја спасат...

Млада жена утрово е застрелана кај Касарната во Гевгелија откако криумчари нападнале полициски службеник кој со колеги вршеле контрола на две патнички под сомневање дека нелегално превезувале мигранти. Во критичниот момент еден од возачите физички нападнал полициски службеник со обид да му го одзеде пиштолот при што полицаецот испукал и погодил едно женско лице кое било во групата мигранти.

„Утрово кај Гевгелија биле забележани патнички возила „мерцедес“ управувано од 26 годишен К. Ј и „форд фокус“ управувано од С. Б 51 годишен – двајцата од Скопје кои илегално превезувале мигранти. Возилата биле запрени од страна на полициските службеници по што возачите и мигрантите се обиделе да избегаат. При тоа К. Ј физички нападнал полициски службеник обидувајќи се да му го одземе пиштолот. Полицискиот службеник испукал и погодил еден од мигрантите“, соопшти МВР.

Двајцата возачи се приведени а мигрантите фатени. За расчистување на случајот увид извршил јавното обвинителство од Гевгелија и Одделот за внатрешна контрола при МВР. Од гевгелиската болница информира дека жената утрово била донесена без знаци на живот и покрај обидите на итната медицинска помош да ја спаси.

Деновиве и Царинската испостава Богородица на македонско-грчката граница откри мигранти. Во товарно возило со српски регистарски ознаки пријавено за транзит пронајде пет лица без лично документи кои се изјасниле дека доаѓаат од Конго и Авганистан.

„Минатата година спречени се 27 илјади обиди за преминување на Македонската државна граница“, соопшти МВР.

Нивната статистика покажува дека лани успеале да откријат 108 случаи на криумчарење што е за 68 отсто повеќе од 2021 година.

 

Ване Трајков