Струга

Исчезна бистата на Славко Јаневски од алејата на писателите во Струга

20.04.2023 09:22

Исчезна бистата на истакнатиот македонски поет Славко Јаневски од Алејата на писателите на кејот на реката Црн Дрим во Струга. Сомнежот е дека спомен обележјето е украдено, бидејќи имало обид и за кражба на другите споменици на поетските великани. Струшките вечери на поезијата го осудија овој вандалски чин, а настанот е пријавен во полиција...

Исчезна бистата на поетот Славко Јаневски во Струга. Спомен обележјето на истакнатиот македонски поет, веќе го нема во Алејата на писателите на кејот на реката Црн Дрим. Сомнежот е дека бистата е украдена, бидејќи имало обид и за кражба на другите споменици на поетските великани.

Настанот го осуди директорот на националната установа „Струшки вечери на поезијата“, кој случајот го пријави во полиција.

„Најостро го осудуваме вандалскиот чин на кражба на бистата на нашиот истакнат поет Славко Јаневски. Како и обидот за кражба на бистите на Ацо Шопов, Сергеј Есенин. Настанот е пријавен во полиција од каде очекуваме да бидат откриени и казнети сторителите“, вели Тодорче Тасевски директор на „Струшки вечери на поезијата“.

Од поетската манифестација најавија дека заедно со Општина Струга и полицијата ќе воведат засилени мерки на обезбедување на локацијата како и организирање кампањи за подигнување на јавната свест за значењето и угледот на Струга како светска престолнина на поезијата.

„Бистите на Ацо Шопов и Сергеј Есенин, привремено ќе бидат дислоцирани додека не се осигурат поцврсто и да бидат вратени на нивните оригинални локации“, додава Тасевски.

И во минатото се сквернавеле спомен обележјата во струшко. Пред две години бистата на Анте Поповски беше откорната и фрлена во водите на Охридското Езеро, додека на Славко Јаневски беше оштетена и свртена наопаку на постаментот.

 

Соња Рилковска