Охрид

Светски поетски патувачки фестивал „Прличев и Еминеску“

20.04.2023 12:37

Охридската библиотека „Григор Прличев“ од денеска до дваесет и втори април е домаќин на светскиот поетски патувачки фестивал „Прличев и Еминеску поглед кон иднината“, кој го реализира во соработка со Меѓународната академија од Крајова, Романија. По тој повод во Охрид допатуваа поети од седум земји, кои во рамки на тридневната програма ќе разменат информации за животот и делото на големите поети Григор Прличев и Михаи Еминески кои твореле во деветнаесеттиот век...

Идејата да се промовира насекаде и во секоја можност големото и богато творештво на македонскиот поет и ловороносец Григор Прличев го отвори патот за заедничка соработка на охридската библиотека со Меѓународната академија „Михаи Еминеску“ од Крајова што придонесе за реализација на проектот Светски поетски патувачки фестивал „Прличев и Енеску-поглед кон иднината“. Во Охрид допатуваа поети од повеќе европски држави кои во наредните три дена ќе имаат можност од една страна да се запознаат со животниот пат и творештвото на романскиот поет, а од друга со она што значи Григор Прличев како национален македонски поет и неговото творештво од 19-ти век.

„Еминеску и Прличев, овој наслов го викаме поглед кон иднината. Тие всушност како секој поет бунтовно размислувале каква ќе биде иднината на нивната татковина. Прличев кај нас во Македонија, додека Еминеску во Романија и секогаш имале своја посебна борба. И кога ќе се прочитаат нивните биографии ќе се види дека и двајцата поети на некој начин имале слични човечки судбини“, рече Милчо Јованоски, директор на НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид.

Секоја средба со други поети или уметници во принцип значи проширување на видиците, особено ако тоа се случува во Охрид, велат учесниците на поетскиот фестивал.

„Јас оваа средба ја доживувам како посебна поради две причини. Првата се Прличев и Еминеску, а втората се разбира градот Охрид. Охрид е чудо во светски размери, не само во архитектурата, туку и чудо во литературата. Тој е чудо поради луѓето кои во него живеат и кои во него живееле и оставиле свои траги“, изјави Градимир Гојер, поет и режисер од Босна и Херцеговина.

Меѓународната академија „Михаи Еминеску“ од Крајова меѓу своите основачи има двајца добитници на Нобеловата награда и е единствената институција во Романија поканета од Кралската Шведска академија и Нобеловиот комитет да номинира кандидати за Нобеловата награда за литература.

 

 

Сашо Нелоски