Македонија

Почнува заедничката операција на ФРОНТЕКС во Македонија

20.04.2023 12:58

Официјален почеток на заедничката операција на ФРОНТЕКС во Македонија. Годинава агенцијата треба да распореди 110 полициски службеници, патролни возила и специјална опрема на македонско-грчката граница, што значително ќе помогне во откривање на илегалните активности долж границата. Договорот со ФРОНТЕКС е прв потпишан документ со ЕУ на македонски јазик, а беше ратификуван во Собранието во февруари...

За првпат, земја што не е членка на ЕУ, потпишува договор со Европската агенција за заштита на границите, ФРОНТЕКС, за зголемено обезбедување на границите. Операцијата Северна Македонија 2023-та, ќе овозможи заедничка работа на граничните полиции на ЕУ и Македонија за подобро справување со илегалната миграција.

100-тина гранични полицајци, од 13 европски држави се распоредени со македонските, на границите кон Грција, но сега со поголема соработка при размена на информациите за идентификација на мигрантите, појасни првиот човек на ФРОНТЕКС, Ханс Лајтенс. Операцијата, можно е да биде продолжена и по јануари 2024-та. Министерот за внатрешни, Спасовски, оцени дека со заедничката операција се испраќа важна порака дека не сме сами во справувањето со илегалната миграција.

Спасовски укажа и дека безбедносната ситуација на границите е стабилна, иако е регистрирано 30-процентно зголемување на бројот на илегални влезови на мигранти на македонска територија. Западно-балканската рута за мигранти е привлечна поради поволниот терен, но со заедничката контрола со ФРОНТЕКС ќе се штитат, не само македонските, туку и европските граници, смета Спасовски.

Ирина Гелевска