Комисиска расправа за формирање на Агенција за борба против висока корупција
Формирање независна институција врз која нема да има влијание од носителите на политички и државни функции – предлага пратеникот Павле Трајанов. Во Комисијата за политички систем се расправаше по предлогот-решенијата, но не се изгласаа. За власта законот е неприфатлив, бил во колизија со Јавното обвинителство. Опозицијата пак со поддршка...

Формирање независна институција врз која нема да има влијание од носителите на политички и државни функции – предлага пратеникот Павле Трајанов. Агенцијата да може да открива кривични дела кои ги вршат функционерите, да конфискува имот стекнат на криминален начин, поднесува кривични пријави, и да предлага забрана на политичко дејствување. За предлог законското решение се расправаше во законодавниот дом, пратениците не го изгласаа.
„Се работи само за тешки кривични дела. Согласно кривичниот законик тоа се кривични дела со значителна вредност. Дефиниравме ние за кривични дела со кои се причинува штета или корист за друг од над 100 илјади евра“, рече Павле Трајанов, претседател на Демократски сојуз.
За власта законот е неприфатлив, бил во колизија со Јавното обвинителство и дел од надлежностите на оваа Агенција, веќе ги извршуваат други институции. Опозицијата даде поддршка на законот.
„Вака како што е предвидено, агенцијата се меша и презема прилично конфузно основни надлежности и на Министерството за внатрешни работи и на Јавното обвинителство и на Финансиската полиција и на Агенцијата за разузнавање и на АНБ“, посочи Снежана Калеска-Ванчева, пратеник од СДСМ.
„Отвораат дилеми дали треба да се земе надлежноста на МВР и на Обвинителството, се со една цел, да го одбијат во старт ова законско решение, за коешто ние ќе дадеме поддршка од причина да продискутираме суштински, за тоа што е проблем во државата од коешто Владата бега ама ние како пратеници треба да се фокусираме“, рече Никола Мицевски, пратеник од ВМРО – ДПМНЕ.
Според предлагачот вакви агенции веќе имаат земјите од регионот, а целта е да се искорени криминалот и корупцијата. Европската комисија во последниот извештај нотираше одредени слабости во борбата со корупцијата и побара поефикасни мерки.
Андријана Ѓурческа
