Столтенберг во посета на Киев
Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг стигна во Киев. Кремљ останува на ставот – Украина не треба да влезе во Алијансата, војските и натаму ги пресметуваат силите во Бахмут. Антизападна реторика во говорот на рускиот шеф на дипломатијата Лавров, кој е на турнеја во Јужна Америка...

Генералниот секретар на НАТО Столтенберг во посета на Киев, за прв пат од почетокот на руската инвазија, во знак на поддршка за контраофанзивата. Откако им оддаде почит на војниците кои загинаа, челникот на Алијансата ја прегледа оштетената руска воена опрема изложена на централниот плоштад. Најави воена помош од западните партнери.
„Со претседателот зборувавме за повеќегодишна иницијатива за поддршка, која ќе ја потпомогне транзицијата од опремата и доктрините од Советската ера, на НАТО стандардите и целосна оперативност со Алијансата. Не знаеме кога ќе заврши војнава, но знаеме дека руската агресија е токсична шема која мора да запре“, изјави Јенс Столтенберг – генерален секретар на НАТО.
Украина се бори за прием во НАТО, откако Кремљ соопшти дека анектираше четири украински региони, делумно окупирани од нејзините сили.
„Приемот би бил сериозна закана за нашата земја, за сигурноста на земјата“, рече Дмитриј Песков – портпарол на Кремљ.
Украинската Влада порача дека операцијата во Бахмут може да се смета за контраофанзива. Руските сили го обвинија противникот за напад врз згради со цивили, но украинската страна демантира. Вашингтон најавува нов пакет помош за војската на Зеленски, во опрема тежок 325 милиони долари.
„На државно ниво се презема сè за зголемување на способноста да се заштитиме и браниме од руските напади. Веќе имаме сериозни системи за воздухопловна одбрана и друго оружје, за да го штитиме небото во Украина. Но треба да се помоќни, сигурен сум дека ќе бидат“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.
Федералната служба за безбедност (ФСБ), соопшти дека спречила саботажа на енергетски објект во Керч на Крим. Руската војска е под целосна борбена готовност на пацифичките сили во Охотско Море. Министерот за надворешни работи Лавров на турнеја во Јужна Америка, реториката останува заострена кон западните земји.
„Западот се обидува да ја прошири хегемонијата на конфликти, како во Украина, да го прошири влијанието во Азиско-Пацифичкиот регион, меѓу другото“, изјави Сергеј Лавров - министер за надворешни работи на Русија.
Поради руската инвазија, почната на 24 февруари лани, се раселени речиси 10 милиони Украинци.
Маја С. Филдишев
