Отворен Балкан

Работниците си одат на Запад, потребни се промени

20.04.2023 14:30

Ако претходно имаше одлив на мозоци, сега заминува секоја работна сила кон западните земји, а ние мораме да реагираме веднаш-велат претставници од трите земји од Отворен Балкан. За да се проценат ефектите од иницијативата треба да се погледнат три аспекти, каква е структурата на пазарот на трудот, особено во поглед на кусоците и недостиг на работници во одредени занимања, идентификацијата на премиите за плата и третиот аспект е подготвеноста за увоз на работна сила од други земји-велат од Фајнанс тинк...

Ако порано имавме одлив на мозоци, сега имаме одлив на секаква работна сила, затоа мора да се дејствува структурно и брзо, велат претставниците од трите земји од иницијативата Отворен Балкан. Македонија и Србија и Албанија се убедени оти заеднички може да се реагира, иако секоја земја се бори со сопствените недостатоци.

Србија веќе има значителен увоз на работници од странски земји бидејќи се соочува со сериозен недостиг на кадар. По завршувањето на пандемијата, во земјата во последните три години се издадени околу 10.000 работни дозволи.

„Постои увоз на работници од земјите како што се Куба, Таџикистан, Бангладеш и Индија, во секторите за туризам и градинарство, но исто така и ИТ технологија“, изјави Михајло Гајиќ, Србија.

Албанија се бори со ниските плати, вели заменик министерот за финансии на оваа земја, бидејќи, како што вели, од регионот, Албанија е со најслабо платена работна сила и затоа мора да цели кон промени.

Иако секоја земја со свои маки, заеднички проблем е недостатокот од работници, затоа трите соседи ќе мора да работат на повеќе фронтови за да ги задржат луѓето, вели вицепремиерот Маричиќ.

 

 

 

Катерина Топалова