Штип

„Гласен текстилец“: Се кршат работничките права на обезбедувањето на државните институции

20.04.2023 14:45

Платите доцнат и нема надоместоци за празник и прекувремена работа на вработените во „Никоб“, задолжени за обезбедување на државните институции. За оваа услуга, Владата плаќа двеста милиони денари за период од три години. Од „Гласен текстилец“ сметаат дека Владата има обврска да ги штити работничките права, согласно договорот кој го има склучено со компанијата за обезбедување...

Проблем во физичкото обезбедување на владините институции на државно ниво, се појави откако фирмата која го има тендерот за обезбедување, на најголем дел од ангажираните за заштита на овие објекти, им достави на потпис спогодбен отказ од работа. Вработените не потпишуваат, а „Гласен текстилец“ со апел до Владата да изврши ревизија на работата на компанијата која ги обезбедува нејзините објекти, бидејќи истата не се придржува до договорот во делот на Законот за работни односи.

Владината Служба за општи и заеднички работи, задолжена за обезбедувањето, информира дека сите нивни обврски кон операторот се исплатени на време и не коментираат детали кои се однесуваат на политиките на приватните компании. Инаку. станува збор за околу 200 милиони денари буџетски средства за обезбедување на владините објекти. за период од три години. Побаравме став за оваа ситуација од операторот, но до сега од таму одговор нема.

Славица Величковска