Продолжува судирот меѓу водечките воени команданти во Судан
Армијата и паравоените РСФ размениле оган во главниот град на Судан. СЗО дистрибуира основни медицински материјали до големите болници во Картум. За евакуацијата на тешко повредените лица регионален директор за итни случаи на СЗО, Бренан, изјави дека во моментов тоа не е реална опција поради тешката безбедносна ситуација...

Жестоките судири во Судан продолжија и покрај најавениот прекин на огнот. Според очевидци, Армијата и паравоените РСФ размениле оган во главниот град Картум.
Продолжува судирот меѓу водечките воени команданти во земјата – де факто претседателот Абдел ал Бурхан и неговиот заменик Мохамед Хамдан Дало. Првиот командува со армијата, а вториот со паравоените РСФ.
Откако заедно извршија државен удар во 2021-ва година, се скараа околу распределбата на моќта.
СЗО дистрибуира основни медицински материјали до големите болници во Картум, а во градот владее полициски час.
„СЗО ја поддржуваше испораката на медицинска помош, како одговор на сегашната ескалација на насилството. Пред ескалацијата, ние веќе дистрибуиравме основни материјали до големите болници во Картум. Како што можете да разберете, движењето низ градот во моментот е многу ограничено поради несигурноста“, изјави Ричард Бренан, регионален директор за итни случаи на СЗО.
За евакуацијата на тешко повредените лица, Бренан изјави дека во моментов тоа не е реална опција поради тешката безбедносна ситуација.
„Штом ситуацијата дозволи, ќе донесеме повеќе залихи од странство. Штом ситуацијата го дозволи тоа, ќе ги евакуираме луѓето по воздушен пат, со авион. Знаете дека ниту еден комерцијален или чартер-лет не може да слета во Картум, во моментов. Другата опција е по морски пат. Ја следиме ситуацијата многу внимателно“, додаде Бренан.
Во меѓувреме, руската приватна воена групација Вагнер негираше дека дејствува во Судан и изјави дека нема никаква врска со битките што ја тресат земјата. Според западни дипломати, Вагнер бил вклучен во илегално ископување злато во Судан, што суданските власти го негираат. Москва почна да гради руска воена база во Порт Судан на Црвеното море, што беше прекината поради судирите на војската и силите за брза поддршка.
Марина Ристова
