политика

Мицкоски: Очекувам одговорност од работната група

20.04.2023 17:14

Експертите во групата уставни измени се поврзани семејно, тврди Мицкоски. Возврати СДСМ, Мицкоски сè уште е во режимската матрица иако и самиот е професор. Процентот на македонските подизведувачи на коридорите не е 51 туку 30 насто, вели опозицијата. ДУИ со став, ВМРО-ДПМНЕ е против изградбата на земјата...

Немам што да додадам за семејните стебла во ДУИ и во СДСМ. Се срамам од нивниот срам. Вака лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја коментираше експертската група која ќе работи на уставните измени. Очекува постапката за отворањето на уставот да не успее, а потоа како што рече ќе следува кривична одговорност. Го повика премиерот Ковачевски уште веднаш да ја достави иницијативата во парламентот.

Навредите за експертите и професорите покажуваат дека Мицкоски е заглавен во режимската матрица одговорија од СДСМ. Според владејачката партија лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е последен кој може да зборува и да прозива професори или истакнати правници бидејќи како што тврдат тој дипломирал, бил асистент и се вработил кај неговиот татко.

Ова не е историски проект туку историски грабеж кој може да чини и двојно повеќе од предвидените 1,3 милијарди евра, не пропушти да искоментира за проектот на столетието лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Рече дека е лага тврдењето на премиерот Ковачевски дека мнозинство македонски градежници ќе ги градат автопатиштата. Најави дека во наредниот период ќе се објават и други детали од договорот меѓу Владата и „Бехтел и Енка“.

Од ДУИ ја обвинија ВМРО-ДПМНЕ дека се против Албанците, против изградбата на коридорите, и против интеграцијата во Европската унија. Според интегративците во тек е бруталната бесмислена и неискрена кампања на ВМРО против изградбата на најголемиот инфраструктурен проект во историјата на земјата.

 

Викторија Милевска