Куманово

Сè уште нема решение за уредување на Домот на пионери во Куманово

21.04.2023 12:15

И покрај ветувањата сè уште нема решение за уредување на Домот на пионери во Куманово. Општина Куманово пред три месеци побарала Владата да го отстапи на користење ова некогашно детско катче. Од локалната самоуправа уверуваат дека ќе најдат средства за реконструкција на просторот кој некогаш дневно го посетуваа над 1.000 дечиња. Одговор од Владата сè уште нема...

Сè уште нема решение за Центарот за детско творештво, меѓу кумановци попознато како Домот на пионери. Објектот кој се наоѓа во центарот на градот, со години е оставен да пропаѓа. Надлежните неколкупати досега ветуваа дека целосно ќе се реконструира и ќе го добие стариот сјај, кога дневно го посетуваа над 1.000 дечиња на различни секции. При последната посета на најголемата општина во земјава и премиерот Ковачевски кој детството го поминал во овој објект, истакна дека ваквите културни установи во државата, треба повторно да се стават во функција на младите. Општина Куманово пред три месеци поднела барање до Владата, да ѝ се отстапи на користење, но одговор сè уште нема. Првиот човек на Куманово вели просторот кој денес е речиси целосно руиниран, може да прерасне во кино, кое недостига во градот, но и да се искористи за проширување на градската библиотека. Општината вели ќе изнајде средства за реконструкција.

„Постои можност за голем број на содржини, а една од нашите идеи е секако и проширување на капацитетот на градската библиотека, бидејќи просторот одговара, е во непосредна близина на најголемите школски центри и најстарите училишта во градот и секако дека може да биде користен и како читална и дополнителни активности“, посочи Максим Димитриевски, градоначалник на Општина Куманово.

Последната најава за реконструкција на објектот беше во 2018-та година, кога во приземјето се отвори детска градинка. Надлежните тогаш укажаа дека целиот објект ќе биде пренаменет за претшколска установа. Местото кој стои неискористен има три ката, изложбен простор, училници, канцеларии, сали за вежбање и приредби. И кумановци со години апелираат да се уреди ова некогашно катче за најмалите.

 

Елена Георгиевска