Со муслиманскиот празник Рамазан Бајрам, прогласен тридневен прекин на огнот во Судан
Прогласен тридневен прекин на огнот во Судан, но во Картун и натаму се слушаат експлозии. Примирјето почна изутрината, со муслиманскиот празник Рамазан Бајрам. Досега во судирите меѓу паравојската и суданската армија загинаа стотици цивили...

Армијата и силите за брза поддршка во Судан се согласија за 72-часовен прекин на огнот од хуманитарни причини, но и натаму се слушаат експлозии низ улиците на Картум. Хуманитарните коридори ќе бидат отворени за евакуирање цивили. Примирјето се совпаѓа со Рамазан Бајрам. Една третина од населението, околу 15 милиони луѓе, имаат потреба од помош, десетици илјади луѓе се во бегство. Судирите и нападите на аеродромите и другите објекти ги направија хуманитарните операции невозможни.
„Бидејќи борбите продолжуваат во густонаселените области, се плашиме дека бројот на жртвите ќе се зголеми. Луѓето мора да имаат пристап до храна, гориво и други услуги за нивните семејства. Помошта мора да стигне до милиони луѓе кои имаат потреба“, изјави Абду Диенг-хуманитарен координатор во Судан.
Двете страни веќе неколку дена се борат во центарот на Картум и во другите делови на земјата, заканувајќи се дека ќе ги уништат меѓународните обиди за посредување за подолг прекин на огнот. Во меѓувреме, суданскиот генерал Ал Бурхан изјави дека војската е посветена на транзицијата кон цивилно владеење.
„Тажни сме поради она до што дојдоа работите, но секогаш постои надеж дека ќе го надминеме ова искушение со нашите сакани луѓе и дека ќе излеземе посилни. Сите скандираат една армија, еден народ. Уверени сме дека ќе го надминеме ова тешко искушение со нашата обука, мудрост и сила, зачувувајќи ја безбедноста и единството на државата“, изјави Генерал Абдел-Фатах Бурхан – командант на суданските вооружени сили.
Од Белата куќа велат дека Пентагон е подготвен за можна евакуација на персоналот на американската амбасада поради интензивните борби меѓу двете завојувани фракции.
„Нема информации дека која било страна се обидува да повреди, или да цели кон Американци. Вистина е дека некои наши возила беа под оган, но не е јасно дека луѓето што пукаа во нив знаеја дека станува збор за американски конвој. Посакуваме насилството да престане. Сакаме цивилните власти да седнат да преговараат за народот на Судан да може да има мирна иднина“, рече Џон Кирби-портпарол на Советот за национална безбедност на САД.
Судан е земја богата со природни ресурси, најмногу злато. Војската го контролира најголемиот дел од економијата на земјата, а силите за брза поддршка управуваат со големи области на рудници за злато со кои се финансираат.
Маријана Димовска
