Утре почнува изградбата на коридорите 8 и 10-д
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ објави дел од договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Тврди во изградбата на Коридорот 8, 70 проценти се ангажирани странци, без работни дозволи и дозволи за престој. ВМРО-ДПМНЕ пласира невистини, законот ги демантира лагите на Николовски – велат социјалдемократите...

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Николоски објави два нови документи од договорот на Владата со „Бехтел и Енка“ за изградбата на коридорите 8 и 10 д, а кој се однесуваат на бројот на работници и планот за работа. Според него документите кој ги добил од свиркачи, покажуваат како се кршат законите и се урива правната државата. Во првиот документ кој го објавува Николовски, стои дека само 30 насто од работниците ангажирани на автопатиштата ќе бидат домашни, додека останатите ќе се носат од странство, што според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ значи одлевање на голема сума на пари надвор од Македонија. Во вториот документ Николовски, ги објавува бројките на работници од странство и дома што ќе бидат ангажирани по години како и одобрението странци да работат во земјава без регулиран престој. Цитирајќи дел од договорот тој тврди, дека за работниците на „Бехтел и Енка“, нема да важат потребните дозволи и виза за престој и работа како за останатите.
Од СДСМ ги демантираат објавите на Николоски, велејќи дека ВМРО-ДПМНЕ пласира невистини и спинови околу стратешкиот проект за изградбата на двата коридори. Според владејачката партија Законот за утврдување на јавен интерес ги демантира лагите на Николоски.
Утре почнува реализацијата на договорот за изградбата на четирите автопатишта долж коридорите 8 и 10 д. Изведувачот „Бехтел и Енка“, кој истовремено ќе проектира и гради со стручните служби од јавното претпријатие за државни патишта веќе работат на документацијата за експропријација на имотите долж коридорите. Градбата на автопатиштата треба да заврши за 4 години и 7 месеци, а проектот ќе чини 1,3 милијарди евра и дополнителни над 200 милиони за експропријација на имотите. 45 проценти од земјиштето е на државата додека останатото е приватно. Од Владата соопштија дека сите финансии кои ќе бидат потрошени на овој проект ќе бидат јавно објавени.
Викторија Милевска
