Производство на маслинки

11.05.2014 16:49

Климатските услови во Македонија нудат можности за производство на речиси сите видови овошја и зеленчук. Во последниве години интерес предизвикува маслинката како најдоходовна. Од едно стебло одгледувачите можат да заработат илјада евра

Македонскиот медитеран погоден за одгледување маслинки. Дојранчанецот Вангел Попов 15 години живее од маслинарството. Денес пензионер, тој по иницијатива на неговиот син го почнал овој бизнис. На декар површина ги има засадено дрвјата од кои вели дека солидно се заработува. Маслинките ги преработува во саламура, но и прави посебен деликатес со сушени плодови. Вели, дека нема никаков проблем со пласманот и продажбата.

 

-Па отприлика три до четири години треба да се одгледа една маслинка. Потоа во подоцните години од 10 до 15 треба еден корен маслинка да дава од 50 до 250 килограми плод, вели Вангел Попов- производител на маслинки.

 

Со продажна цена од 5 евра килограм, едно дрво маслина може во домашниот буџет да донесе и до илјада евра заработка. Дојранчани полека почнуваат да ги користат климатските предности и да засадуваат маслинки.

 

-Па има, почна да се појавува интересот, ама тоа во помали количини за своја употреба. Но гледам дека луѓето почнаа да се интересираат, прашуваат како, на кој начин се одгледуваат маслинките, вели Попов.

 

Во пластениците растат новите дрвца, кои ова семејство ќе ги засади на површина од десетина хектари. Попов вели дека за успех треба земјоделците да се фокусираат само на една култура.

 

Катерина Давчева