Здравство

Куманово: Итната помош ќе позајми возило на болницата, по синоќешната сообраќајна незгода во Скопје

22.04.2023 12:45

Кумановската болница нема да остане без амбулантно возило, откако по синоќешната сообраќајна незгода единственото возило пренесувајќи пациент се преврте во Скопје. Итната помош ќе отстапи превозно средство на користење, а очекува да заврши и сервисот на уште едно возило. Во тек е и набавка за ново возило, кое болницата го набавува со сопствени средства...

Итната медицинска помош од Куманово ќе позајми амбулантно возило на општата болница, откако по синоќешната сообраќајна незгода во Скопје, при транспорт на пациент, единственото функционално возило се преврте и установата остана без превозно средство. Другите две возила се на сервис, но од болницата очекуваат до вечерва, едното да биде функционално. Раководството информира дека треба да заврши и постапката за ново возило, кое болницата го набавува со сопствени средства.

„Моравме брзо да реагираме, не може градот да се остави без возило за итна медицинска помош. Се обидов и на повисоко ниво да реагирам, но немам одговор, ќе видиме како ќе биде. Од понеделник бидејќи неработен ден е, ќе исконтактираме и со добавувачите со коишто имаме потпишано за набавка на ново возило да видиме час поскоро и тоа да биде испорачано“, истакна директорката на општа болница Куманово, Снежана Захариева.

Во амбулантното возило кое синоќа се преврте во Скопје имало кардиолошки пациент. Со него во придружба биле и медицинска сестра и возач. Сестрата се здобила со повреда, но е во стабилна состојба.

„И јас сум била дел од екипите кои оделе на транспорт како анестезиолог, можам да кажам дека не е на високо ниво сообраќајната култура, некогаш пропуштаат, но сме имале и случаи да се вклучи и ротација и сирена да не се пушта, не сакам да прејудицирам тоа е работа на надлежните органи да утврдат кој бил виновникот, меѓутоа нашето возило се движело уредно, не било ниту со голема брзина, бидејќи веќе се наближувало кон клиниката“, дополни Захариева.

Здравствените работници апелираат граѓаните да бидат совесни и да даваат предност на возилата на итната помош.

 

Елена Георгиева