Западот продолжува со воена помош за Украина
Западот продолжува со воената помош за Украина. Наскоро ќе почне и обуката на украинските сили за употреба и одржување на тенковите „Абрамс“. На фронтот пак не смалуваат борбите, особено на истокот од земјата...

Западната воена поддршка пристига до Украина. Вашингтон ќе започне со обука на украинските сили за употреба и одржување на тенковите Абрамс. Претставниците на одбраната од Европа и светот во воздухопловната база Рамштајн во Германија потврдија дека во изминатите неколку месеци, членовите на групата обезбедиле доволно опрема и обука за поддршка на девет дополнителни оклопни бригади и повеќе од 55 милијарди долари безбедносна помош за Киев.
„Ги забрзавме нашите временски рокови за М1 Абрамс за да ја снабдиме Украина со повеќе оклопни возила во наредните месеци. Абрамс што ќе ги користат Украинците за обука ќе пристигнат во Германија во следните неколку недели. Уверен сум дека оваа опрема и обуката ќе ги стави силите на Украина во позиција да продолжат со успесите на бојното поле“, изјави Лојд Остин-секретар за одбрана на САД.
Во меѓувреме, Германија потпиша меморандум за разбирање со Полска и Украина за да се формира центар за одржување на киевскиот тенк „Леопард 2“ во Полска, во близина на украинската граница.
„Внимателно го анализираме текот на непријателствата, најжешките и сите потенцијално опасни области. Првата линија е приоритет број еден. Исто така, активно подготвуваме нови бригади и единици кои ќе се покажат на фронтот“, изјави Володимир Зеленски-претседател на Украина.
Од руската приватна воена организација Вагнер, велат дека украинската офанзива не започнала поради разбирливи временски услови.
„Офанзивата не започнува од сосема разбирливи причини, има кашест снег. На почвата и требаат уште десет дена да се исуши. Но факт е дека тие ќе нападнат. Тие ќе дојдат и ќе се обидат да не скинат, а ние мора да се спротивставиме“, рече Евгениј Пригожин-сопственик на Вагнер.
Руската државна телевизија објави снимка од руски војници за кои се вели дека се на бојното поле на украинската територија Бахмут. Руското Министерство за одбрана, соопшти дека единиците се борат за контрола на западниот дел на градот, од Генералштабот на вооружените сили на Украина велат дека истокот на земјата, останува епицентарот на борбите со руските сили.
Маријана Димовска
