Тетово

Жителите на Тетово ја очекуваат ветената реконструкција на улиците

22.04.2023 13:10

Сообраќајната инфраструктура во Тетово во очајна состојба. И главни и споредни улици со дупки и вдлабнатини, а нови коловози не се отвораат и покрај сообраќајниот хаос и гужви низ градот. Градските власти како и лани повторно со ветување дека пролетва следува репарирање на руинираните сообраќајници...

Дупки и вдлабнатини, со дотраена атмосферска и фекална канализација, улиците „Љубе Божиновски Пиш“ и „Мирче Ацев“ на само еден километар од центарот од Тетово во катастрофална состојба.

Откако се изградени пред половина век, овие сообраќајници делумно се репарирани. Слична е состојбата и на останатите делници во градот. Реагираат возачите, но и пешаците кои чекорат по стари и дотраени тротоари.

Од Општина Тетово уште лани најавија дека ќе започнат со реконструкција на делниците во градот, откако ќе биде избрана на тендер фирма за оваа намена. Но, на терен сè уште нема никакви градежни активности. Во лоша состојба се и главните сообраќајници во градот. Од Општина Тетово повторно со ветување дека наскоро ќе се започне со реконструкција на оштетени делници.

Во Тетово повеќе од една деценија не е изградена нова улица, ниту пак се пробиени трите постојни булевари, што го отежнува сообраќајниот проток по оштетените коловози, некои стари и по повеќе од 50 години.

 

Зоран Димовски