Инфраструктура

Стратешкиот проект ги скара власта и опозицијата

22.04.2023 16:15

Започна реализацијата на договорот за изградба на коридорите 8 и 10-д. Надлежните информираа-паралелно со подготвителните работи, стартува и мобилизацијата на персонал. За власта, ова е проект од стратешки интерес. Но, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, тврди дека се прифатени многу спорни точки кои земјава ќе ја чинат милиони евра, и се закани со одговорност и судски постапки поради сомнеж за криминал и покрај обвинувањата од опозицијата, СДСМ уверува дека стратешкиот партнер, конзорциумот „Бехтел и Енка“, ќе користи најмалку 51% локални ресурси...

Стартува реализацијата на договорите за изградба на коридорите 8 и 10д. Проектот ќе го изведува и проектира американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ и првично е проценет на над 1, 3 милијарди евра. Од Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта, информираат дека се почнати подготвителни активности. Се снима теренот, се подготвуваат урбанистичките проекти, се мобилизираат работници, се подготвуваат локациите за поставување кампови, но, продолжија и обвинувањата меѓу власта и опозицијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ побараа договорот јавно да биде објавен. Според нив, има многу спорни одредби кои граѓаните на земјава ќе ги чинат милиони евра. Партискиот лидер Мицкоски, го обвини премиерот Ковачевски, дека лаже кога вели дека мнозинство македонски работници ќе бидат ангажирани на автопатиштата. Тој рече дека Владата, ги злоупотребила нашите стратешки партнери и нанела штета на односите со САД и Турција.

Од СДСМ велат, јасно е наведено дека стратешкиот партнер ќе користи најмалку 51% локални ресурси, а ангажираните работници од странство ќе мора да ги имаат потребните дозволи. Според првичните процени над 300 милиони евра ќе чини експропријацијата на имотите, 45 проценти од земјиштето долж коридорите е државно, останатото е приватна сопственост. Власта потврди, дека договорот ќе им го достави на пратениците со безбедносен сертификат, иако опозицијата почна да објавува делови, велејќи дека го добила од свиркачи.

 

Викторија Милевска