Фудбал

УТМС и Дарко Панчев пишуват спортска историја

22.04.2023 18:05

„Патот на Кобра до ѕвездите“, ова е насловот на документарниот филм посветен на најголемото фудбалско име во македонската историја, Дарко Панчев. Под генерално покровителство на Универзитетот за туризам и менаџмент...

„Патот на Кобра до ѕвездите“, ова е насловот на документарниот филм посветен на најголемото фудбалско име во македонската историја, Дарко Панчев. Под генерално покровителство на Универзитетот за туризам и менаџмент, сега со ново име Универзитет Скопје, овој филмски документ со историска вредност за македонскиот спорт е во организација и копродукција на Спорт клуб телевизија, Спортско радио 90,3 и Спорт нетворк продукција.

„Историја испишуваат многу луѓе, јас сум почестен што заедно со Дарко Панчев создадовме документарен филм за идните генерации. Ова е филмски проект за македонската спортска историја. Дарко Панчев е македонска ѕвезда, кој ја заслужува целата слава“, порача ректорот проф. д-р Аце Миленковски.

„За мене е секако чест и задоволство што кариерата ќе ми биде претставена и на ваков начин на филмско платно. Ми беше задоволство да соработувам со продуцентите на филмот, и се надевам дека ќе ѝ се допадне на целокупната македонска и балканска јавност“, истакна Панчев.

„Дарко е многу благодарен соговорник, но и многу незгоден затоа што се сеќава на многу детали. Просто е неверојатно како Дарко се сеќава на сè од неговата фудбалска кариера, затоа и со самото тоа ни беше навистина лесно, но во исто време малку и понапорно да собереме сè на едно место, и во секој случај, да создадеме, мислам, навистина прекрасен документарен филм, кој засекогаш ќе сведочи за една големина каква што е Дарко Панчев“, истакнаа од Спорт клуб творците на документарниот филм за македонскиот фудбалер на векот.

Филмот, преку гостувања на истакнати спортски и јавни личности, како и на самиот Панчев, ја раскажува неговата животна приказна на фудбалските терени, до врвот на светскиот фудбалски трон. Снимањето е направено на повеќе локации во Скопје, Белград, Сараево, Загреб, Букурешт, Подгорица, во времетраење од два месеца со повеќе од 40 личности од светот на фудбалот, културата и од јавниот живот.