Локални вонредни избори на северот на Косово
Под силно полициско обезбедување се одржуваат вонредните локални избори на северот на Косово. Српска листа бојкотира. Косовските власти апелираат граѓаните да излезат на гласање, од Белград пак да останат мирни и достоинствени...

Вонредните локални избори во четири општини на северот на Косово. Северна Митровица, Зубин Поток, Звечан и Лепосавиќ, населени претежно со Срби добиваат нови градоначалници. Гласањето организирано во контејнери под силно полициско обезбедување и под надзор на војници од францускиот контингент КФОР. 357 набљудувачи, претставници од 31 организација, дел од набљудувачката процедура и по затворањето на избирачките места. 170 претставници на домашни и странски медиуми акредитирани за следење на изборниот процес.
„Навреме се отворени сите избирачки места. Дистрибуцијата на материјалот беше направена во соработка и со асистенција на косовската полиција. На 19 гласачки центри во северниот дел на Косово граѓаните избираат свои претставници со кои ќе изградат демократски правни институции“, изјави Крешник Радоничи-претседател на Централната изборна комисија на Косово.
Во трката десет кандидати, од нив само Слаѓана Пантовиќ од српската заедница, која се кандидира како независна за претседател на општина Звечан. Српска листа, најголемата партија на Србите во Косово, не учествува на изборите и претходно ги повика граѓаните да го бојкотираат процесот. Слични повици упати и официјален Белград.
„Ние до сега учествуваме во четири или пет различни изборни циклуси кои ги организираа властите во Приштина. Но, не требаше да учествуваме во ниту едни додека не се формира заедница на српски општини. Срамота е изборите да се одржуваат во полициски контејнери, полициски станици, со вкупно 550 вооружени луѓе, да обезбедуваат еден или два проценти од оние што гласаат. Ги повикувам Србите да ги разочараме уште повеќе и да видат колку сме сложни и дека не може да не газат“, изјави Александар Вучиќ – претседател на Србија.
Европската Унија оценува дека одржувањето на избори во мирни услови на северот е од суштинско значење и ги повикува сите страни на воздржаност. Изборите следат откако Србите на Косово излегоа од институциите, како одговор на тоа што Приштина, одби да го исполни ветувањето и да формира Заедница на српски општини. Гласањето првично беше закажано за 18-ти декември минатата година, но се одложи по барање на меѓународната заедница.
Маријана Димовска
