Зголемен интересот за планинарење
Зголемен е интересот за планинарење. Граѓаните се почесто се одлучуваат урбаниот хаос барем за викендот да го заменат со природа. Но искусните велат колку повеќе луѓе на планина, толку поголема опасност од повреди и несакани дејствија. Апелираат да се почитуваат правилата на планината, бидејќи таа секогаш го има последниот збор...

Расте интересот за планинарење во кумановско. Модерното време и здравите навики за живот, но и состојбата по ковид пандемијата, ги натераа кумановци, се почесто слободното време да го поминуваат на планина. Урбаниот метеж барем за викендот, да го заменат со природа. Интерес за планинарење има за Козјачкиот регион, но и низ целата држава. Долгогодишниот планинар и планинарски водич Бобан Стефановски апелира да се почитуваат правилата коишто ги одредува планината, бидејќи таа секогаш го има последниот збор.
„Колку повеќе луѓе на планина толку е голема опасноста од повреди и слични несакани дејства. Затоа препорачувам сите кои се нови во овој спорт, почетници никако да не тргнуваат сами“, посочува Бобан Стефановски, планинар и планинарски водич.
Планинарите посочуваат дека турите не треба да се организираат по секоја цена. Пред секое тргнување велат најважно е да се проверат временските услови, бидејќи непочитувањето на основните правила може да предизвика несакани дејствија.
„Има доста работи без кои не се тргнува на планина, меѓутоа најосновните би можел да кажам дека се потребната опрема, храната, водата, GPS тракта“, дополни Стефановски.
Стефановски кој повеќе од десет години активно се занимава во планинарење ги има искачено највисоките врвови во земјава, Балканот, Европа, но и низ светот. Учествуваше на експедиции на Алпите, Арарат, Дамаванд, Дурмитор, Триглав.
Елена Георгиева
